Линкови за пристапност

„Женскиот марш“ го преплави Вашингтон и други градови во САД и светот


Целта на протестите беше да се прикаже генералното противење на новата администрација и нејзината политика.

Претседателот Доналд Трамп напиша дека го признава правото на стотиците илјади луѓе кои излегоа на „Женскиот марш“ во Вашингтон и во други градови во САД и во светот. Претходно тој ги минимизираше овие протести.

На денот по инаугурацијата на Трамп, стотици илјади демонстранти излегоа на улиците во Вашингтон на „Женскиот марш“, чија цел беше да се прикаже генералното противење на новата администрација и нејзината политика. Слични маршеви, во знак на солидарност, беа одржани и во преку 600 други локации во САД и во светот.

Како и демонстрациите во главниот град на САД, повеќето од глобалните протести, беа поттикнати од загриженоста за правата на жените, граѓанските права и прашања поврзани со животната средина.

Организаторите на „Женскиот марш“ во Вашингтон, планираа митингот во близина на зградата на Конгресот да биде проследен од марш до Белата куќа, што се наоѓа на растојание од околу два километри. Но, толпата беше поголема од очекуваното, поради што организаторите ја променија маршутата.

Во Чикаго, се собраа преку 150.000 лица - седум пати повеќе од очекуваното. Друга толпа се собра во Лос Анџелес и во Њујорк, каде десетици илјади луѓе ја преплавија областа долж Петата авенија и се упатија кон Кулата Трамп, домот на претседателот, пред да се пресели во Вашингтон.

Во Сент Пол, сојузната држава Минесота и Бостон, властите соопштија дека на протестите се собрале преку 50.000 луѓе.

Во Јапонија, стотици, главно, американски иселеници маршираа низ улиците на Токио, извикувајќи слогани и носејќи транспаренти кои повикуваа на љубов и сочуствителност.

Во Австралија, илјадници демонстранти маршираа пред американскиот конзулат во Сиднеј за да ја оспорат, како што организаторите ја нарекоа, „реториката на омраза" на новиот претседател на САД, и обвинувајќи го Трамп за „нормализирање на сексизмот и расизмот“.

Се проценува дека околу 80.000 луѓе се собраа во Лондон пред американската амбасада и маршираа до плоштадот Трафалгар.

Во Берлин жени носеа плакати пред Бранденбуршката порта за време на еден од седумте митинзи низ Германија.

Протести се одржаа и во неколку други европски градови, како Париз, Будимпешта, Амстердам и во Хаг.

Повеќето од жените коишто маршираа во Вашингтон и други градови, носеа плетени розови капи со уши како оние на мачка, со цел да покажат солидарност со ставовите против Трамп, но и како поврзаност со неговите вулгарни коментари пред неколку години, уште пред да почне да се занимава со политиката.

XS
SM
MD
LG