Линкови за пристапност

Поголем јазот на животниот век меѓу жените во сиромашни и во богати држави


СЗО вели дека жените на 50-годишна возраст и постари глобално се поздрави од она што биле пред 20 години, но разлики има зависно од тоа каде живеат.

Според Светската здравствена организација, срцевото заболување, мозочниот удар и ракот се водечки причинители за смртност кај жените на 50 и постари од 50 години. Организацијата сепак наведува дека во земјите во развој, вакви смртни случаи се регистрирани кај помлади жени.

Студијата е една од првите што прави анализа за смртноста кај жените на 50 и преку 50 години, како од богати, така од
сиромашни земји. Открива дека многу од овие жени умираат рано бидејќи живеат во земји каде нема доволно финансиски средства и ресурси да се откријат, спречат и третираат неизлечивите болести.

Колин Метерс е експерт кој работи за СЗО и за Гласот на Америка изјави дека развиените земји имаат системи за здравство и начини за намалување и контрола на кардиоваскуларните проблеми. Тој додава дека програмите за откривање и третман на болести се покажале успешни за намалување на појавата на рак на дојка и рак на отворот на матката.

Метерс подвлекува дека ракот на отворот на матката е честа појава кај жените во Африка. Тој вели и дека болеста во голем дел може да се спречи, но дека африканските жени имаат малку ресурси за да обезбедат соодветен третман.

„Овде се јавува и проблемот на човечките ресурси, дека честопати нема доволно обучени лекари, медицински сестри и друг персонал. Во Африка има и таканаречен одлив на мозоци - африканските медицински сестри емигрирале во земји со повисок стандард“, изјави овој стручњак.

Доктор Метерс вели дека донаторите дале малку средства за решавање на проблемот на непреносливите болести во земјите од Африка, бидејќи се фокусирани на намалување на смртноста на родилките, што покажува резултати. Но тој наведува дека смртноста меѓу постарите жени оди по нагорна линија, така што можеби е време, вели тој, донаторите да ги преиспитаат своите приоритети.

Благодарение на подобрувањата во здравството, студијата открива дека жените над 50-годишна возраст, изминативе две децении во просек живеат за 3,5 години повеќе. Според истражувањето на СЗО, жените од Германија и Јапонија сега може да очекуваат да живеат до 84 и 88 години, а жените од другите развиени земји може да очекуваат животен век од 83 или 84 години.

Студијата наведува дека животниот век за жените во посиромашните земји е за околу 10 години помал. Жените во Источна Европа на пример умираат порано поради голем број кардиоваскуларни заболувања, сообраќајни несреќи и големо конзумирање на алкохол.

За спречување на проблемот СЗО преку најновата студија налага употреба на ефтини и едноставни тестови, како за рано откривање на ракот на отворот на матката, што ќе донесе спасување на голем број животи.
XS
SM
MD
LG