Линкови за пристапност

Вечери на женските права во Скопје


Во еден глас против насилството врз жените: сцена од протестот во Лондон
Во еден глас против насилството врз жените: сцена од протестот во Лондон

Меѓународниот ден на жената низ призмата на улогата на медиумите.

„Упатувам апел до сите да ни се приклучат во нашиот напор. Без оглед на тоа дали вашите средства ќе ги донирате на некоја кауза, или вашиот глас ќе се придружи на некое негодување или протест, вие може да бидете дел од нашиот глобален напор за да се стави крај на оваа неправда и на жените и девојките да им се овозможи да ја уживаат сигурноста, безбедноста и слободата која ја заслужуваат“, се вели во пораката на генералниот секретар на ООН, Бан Ки-мун, по повод Меѓународниот ден на жената.

И Мишел Бачелет, извршната директорка на ОН жени, тело на светската организација за родова рамноправност и јакнење на жените, денес ги повика сите шефови на држави и влади да се заложат за конкретни активности за превенција и запирање на насилството врз жените и девојките.
Според соопштението до медиумите испратено од Канцеларијата на постојаниот претставник на ОН во Македонија, ОН жени во Скопје го организира четвртото издание на „Вечерите на женските права“, серија на настани кои традиционално се организираат по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жената. Оваа година, низ документарни филмови и тематски дискусии, фокусот ќе биде на претставувањето на сликата за жената во медиумите. Според соопштението, на „Вечерите“ ќе се истражуваат влијанието на медиумите во засилувањето на родовите улоги и стереотипи, начините на кои медиумите го поттикнуваат насилство врз жените, но и „начините на кои нетрадиционалните медиуми ја зголемуваат свесноста на жените за проблемот и им овозможуваат да ја раскажат својата приказна“.

Годинава и ОН дадоа ветување за сеопфатна акција во насока на спречување и искоренување на насилството врз жените и девојките, а кампањата на Генералниот секретар на ООН, Ку Мун, наречена UNiTE (Обединети) ги повика сите влади, граѓанското општество, организациите на жените, мажите, младите, приватниот сектор, медиумите и целиот систем на ОН да ги здружат своите сили во решавањето на овој глобален проблем. Заложбите на владите кои се вклучија во акцијата ќе бидат соопштени на 57-та Седница на Комисијата за статусот на жените што ќе се одржи во Њујорк од 4-ти до 15-ти март.

Според соопштението до медиумите, националните и локалните институции во Македонија, како и граѓанските организации, можат подобро да се вклучат во заложбите за намалување и искоренување на случаите на домашно насилство. Програмата на Обединетите нации „Јакнење на националните капацитети за спречување на домашното насилство“, која била успешно завршена во август 2012-ра, со финансиска поддршка од Владата на Кралството Холандија и на Фондот на ОН за спречување на насилството врз жените, ги поддржала напорите на македонската Влада за осигурување на пристапот до подобри услуги за поддршка на жртвите, како и за воспоставување на пофункционални механизми за спречување на ваквиот вид на насилство.

Македонија е една од 25-те држави-членки на Советот на Европа кои ја потпишаа Конвенцијата на оваа организација од Истанбул, за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство.

Според соопштението, до 2015-та година, кампањата UNiTE цели на спроведување на националните закони за решавање и казнување на сите форми на насилство врз жените и девојките, усвојување и примена на повеќесекторски национални акциски планови, зголемување на јавната свест и општествана мобилизација, зајакнување на собирањето на податоците за распространетоста на насилството врз жените и девојките и искоренување на сексуалното насилство во конфликтните ситуации во сите земји.
XS
SM
MD
LG