Линкови за пристапност

Неопходно е зголемување на бројот на жените во технологијата


По повод денешниот официјален старт на глобалното движење „Women in Tech“ во Македонија, разговаравме со софтверскиот инженер Катарина Трајчевска, локална амбасадорка на движењето

„Иако многу повеќе девојки последните години се одлучуваат за технички студии, постои огромен јаз и нееднаквост во родовата застапеност во приватниот сектор и тоа е она што сакаме да го промениме“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, Катерина Трајчевска, софтверски инженер, коосновач и извршен директор на компанијата „Адева“ во Македонија и локална амбасадорка на „Women in Tech“ во Македонија.

Се работи за глобално движење на членови и партнери и екосистем на мрежи кои ги споделуваат вредностите и мисијата за инклузивна ИТ индустрија. Организацијата е отворена за сите – без оглед на пол, раса, етничка припадност, возраст, сексуална ориентација или попреченост, и во својата работа и акциите се фокусира на четири примарни области: едукација, претприемништво, награди и истражување.

И македонската фирма „Адева“, според нејзиниот коосновач и директор Трајчевска, има мисија да им овозможи еднакви можности на програмерите од целиот свет, без оглед на нивната раса, локација или пол.

За Гласот на Америка на македонски јазик Трајчевска потенцира дека „причината поради која започнав со различни активности во областа на организацијата ‘Women in Tech’ е што кога ја бирав мојата насока на студии, инженерството воопшто не ми беше логична опција, токму поради недостигот на успешни примери на жени во технологијата... Беше тоа сплет на околности и од оваа перспектива сум пресреќна што сепак, завршив на студиите по софтверско инженерство. Во последните години бројот на жените на техничките судии е драстично променет и тоа навистина ме радува“.

Трајчевска и Моника Ризовска, менаџер за маркетинг и комуникацииво фирмата „Космик Девелопмент“, се локални амбасадорки на глобалното движење „Women in Tech“ во Македонија. Како меѓународна непрофитна организација „Women in Tech“ има мисија за затворање на родовиот јаз и помош на жените да бидат прифатени во сферата на технологијата. Токму фирмата „Адева“, во која Трајчевска е коосновач и извршен директор, ја доби наградата „Best Inclusive Tech Company“ на првите интернационални „Women in Tech“ награди во Лисабон, Португалија.

Трајчевска е еден од организаторите на инцијативата „Learn IT, Girl“, а ја предводи и иницијативата Female Boothcamp на „Адева“– за развивање на ИТ вештини за жените во Македонија, чија основна цел е исто така, развивање на дискусијата и промоција на ИТ-секторот меѓу жените кои се заинтересирани за пристап во индустријата.

За денешното свечено отворање во соработка со фирмите „Адева„ и „Космик Девелопмент“, како и „Slice“, „Women TechMakers“ и „Symphony“, организаторите најавија и панел дискусија, од која ќе произлезат и следни ангажмани.

„’Women in Tech’ е глобално движење чија цел е токму зголемување на бројот на жени во технологија и претприемништво преку едукација, вмрежување и поставување на позитивни примери. Заедно со Моника Ризовска, решивме движењето да го донесеме во Македонија. Започнуваме денес, со свечено отварање и со интересна дискусија за состојбата во Македонија, а понатаму, планираме сето она што ќе го дискутираме и да го адресираме преку најразлични активности", изјави Трајчевска за Гласот на Америка на македонски јазик.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG