Линкови за пристапност

Жените одиграа голема улога на делумните избори во САД


Жените одиграа важна улога на вчерашните делумни избори победувајќи во неколку клучни сојузни држави и помагајќи и на Демократската партија во преземањето на мнозинството во Претставничкиот дом.

Иако гласачите во САД се поделени по политички и идеолошки линии, анкета спроведена од Асошиетед прес покажа дека жените застанале обединети зад демократите со разлика од 55 наспроти 41 проценти. Партиската поделеност кај мажите гласачи била многу потесна.

Делумните избори се нарекуваа и „Година на жената“, поради рекордниот број на кандидатки и поради подемот на движењето #MeToo. Општо, жените не беа наклонети кон првите две години од претседателствувањето на Трамп.

Вчерашните избори беа прва можност гласачите на национално ниво да се изјаснат за политиките на Трамп, по претседателските избори во 2016-та година кога тој ја порази демократската кандидатка Хилари Клинтон.

Женскиот марш, настан на кој милиони жени излегоа на демонстрации на само еден ден по инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп поттикна создавање на т.н. невидливи групи за отпор против Трамп. Овие групи го поддржаа бранот на кандидатки.

Според најновите проекции, во новиот Конгрес ќе има рекорден број на жени, 96. Моментално, во 115-от Конгрес има 84 жени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG