Линкови за пристапност

Средба Црвенковски - Волерс


Амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс
Амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс

СДСМ во соопштението по средбата наведува дека за амбасадорот, формирањето на предизборна меѓуетничка коалиција е огромен чекор напред во зајакнувањето на мултиетничноста во Македонија.

Формирањето на предизборна меѓуетничка колација е огромен чекор напред во зајакнувањето на мултиетничкото општество. Ваква оценка, според службата за информирање на СДСМ, денес дал амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, на средбата со претседателот на најголемата опозициона партија, Бранко Цренковски.

“Претседателот Црвенковски го запозна амбасадорот Волерс за проширувањето на опозицискиот фронт со партии не само од македонскиот, туку и од албанскиот политички блок. Амбасадорот Волерс оцени дека формирањето на предизборна меѓуетничка коалиција, првпат во историјата на Р. Македонија, претставува огромен чекор напред во однос на зајакнувањето на мултиетничноста во Македонија”, стои во соопштението на Центарот за комуникации на СДСМ, објавено по средбата на Црвенковски со Волерс.

Средбата уследи по дебатата што се отвори во јавноста, а по објавувањето на договорот за предизборно коалицирање, склучен меѓу опозиционите СДСМ и ДПА. Ваквиот договор наиде на реакција од владејачката ДУИ, која соопшти дека нема да прави предизборна коалиција ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, а ќе продолжи само со сојузништвото со албанскиот народ.


За ДУИ, „Петрол коалицијата“ меѓу СДСМ и ДПА има за цел да го наруши принципот на двојното мнозинство што ја гарантира консензуалната демократија.


„Откако ја изневери волјата на Албанците во 2006-та година, кога ги узурпира институциите на земјава без волјата на Албанците, Тачи и ДПА го подготвуваат теренот за да го повторат непочитувањето на албанскиот глас“, реагираше ДУИ и ја повика ДПА, како што наведува, да не ги крие своите срамни намери за да се протне во владата низ задната врата, туку да се соочи со албанскиот народ и да го прифати поразот.

СДСМ и ДПА, пак, при формирањето на предизборната коалиција истакнаа дека само обединувањето на опоцизијата може да стави крај на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Лидерите на владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, оценија дека коалицијата на СДСМ и ДПА е формирана за личните интереси на Црвенковски и Мендух Тачи.
XS
SM
MD
LG