Линкови за пристапност

Заев тврди дека Владата ги прислушувала и невладините организации

  • Соња Трајковска

Зоран Заев: „Вистината за Македонија покажува дека нема сектор, дел, каде не влегол Груевски“.

Огорченост меѓу претставниците на граѓанскиот сектор; ВМРО-ДПМНЕ, пак реагираше дека Заев не е претсeдател на СДСМ и дека со партијата раководи Фондацијата Сорос

НВО Инфоцентарот, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество Македонија, ЦИВИЛ - Центар за слобода, Истражувачкиот центар за граѓанско општетство, Платформата за граѓанска политика - АЈДЕ!, ФОРУМ – Центар за стратегиски истражувања и документација, Македонскиот центар за европско образование, Граѓанската организација „Плоштад Слобода“ и Фондацијата „Метаморфозис“ се дел од невладините организации коишто, според денес изнесеното тврдење на опозицијата, се дел од големата афера на прислушување од страна на власта.

„Вистината за Македонија покажува дека нема сектор, дел, каде не влегол Груевски. Покажува дека се прислушкувани и послушници на Груевски. Со никакви реформи, туку со вакво прислушкување Груевски и помошниците го држеле под контрола општеството и ја држеле власта и моќта. Груевски ја држел власта со незапаметено во светски рамки прислушкување. Така контролирал, поткопувал, кроел свои преговори“, рече водачот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната прес-конференција во тнр. Камп на слободата пред Владата.

Тој кажа дека нема да ги објават јавно аудио-материјалите, бидејќи, како што кажа, „станува збор за борци за човекови права, кои се прислушкувани претежно преку прислушкување на првите луѓе, но и други“.

„Јасно е зошто јавно нема да бидат објавени. Граѓанскиот сектор е дел од демократската јавност и тоа мора да го почитуваме. Дел од најактивните организациии, кои се активираа критички за општествените активности, кои се борат за различни видови човекови права, се прислушкувани и Никола Груевски со тесната група соработници ги поткопа до темел уставните начела на кои се поставена Република Македонија“, рече Заев, додавајќи дека сите наводно прислушувани ќе добијат аудио-снимки и транскрипти од материјалите коишто ги поседува опозицијата.

Според податоците што ги поседуваат, како што рече тој, ова се само дел од организациите коишто биле „цел на тајните служби“, и дека нивниот број е поголем, и „како ќе бидат составени нови папки, така претставниците на граѓанскиот сектор ќе бидат известени да дојдат да си ги подигнат во седиштето на СДСМ“.

„Груевски си ја обезбедувал власта со незапаметениот во светски рамки, огромен скандал, со прислушувањето. Така успешно го чистел теренот од неистомислениците, така елиминирал се што му стоело на патот, така поткупувал, така се инсталирал во секоја пора на општеството. Така и ги кроел своите политики. Така ги фалсификувал и изборите и волјата на граѓаните“, истакна Заев.

„Навредено и силувано“. Вакви се реакциите на некои од наводно прислушуваните од невладиниот сектор, коишто денеска ги добија материјалите.

„Не е изненадување, но е крајно непријатно. Ова е нешто што сите го насетувавме во изминативе години, но денеска само се потврди. Се` уште ги немам детално видено, ниту разговорите – ниту материјалот, но мислам дека тоа укажува на еден диктаторски однос на власта кон граѓанското општество, бидејќи само во диктатурите, граѓанските организации се сметаат за непријатели или пак за објекти кои треба да бидат следени и прислушувани за да им се знаат трагите“, вели Бојан Маричиќ од Mакедонскиот центар за европско образование.

„Секако дека ќе се консултирам со нашите колешки кои го познаваат правото и ќе бараме да ги исцрпиме сите можни законски пропишани мерки, кои ќе ја задоволат правдата, односно ќе барам оштета за ова одвратно чувство што го имам денеска“, вели Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Во реакцијата на најновата опозициска „бомба“, владејачката ВМРО- ДПМНЕ истакна дека Заев на денешната прес-конференција ги набројал невладините организации коишто работат за Сорос, но и директно за СДСМ и со тоа потврдил дека „тој не е претсeдател на СДСМ и дека неговата партија ја раководи фондацијата Сорос“.

„Неслучајно Заев денеска ги наброја невладините организации кои работат за СОРОС, но и директно за СДСМ, па подоцна врз база на едно договорено сценарио, истите тие треба да излезат и да го потврдат тоа што тој го говореше и да се прикaжуваат за жртви“, се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ, при што се додава дека „СДСМ од ден во ден станува партија која што на секој возможен начин се обидува да ја втурне Македонија во калта“, во која, како што се наведува во соопштението, „самите се заглавија и од која не знаат како да излезат“.

„Македонија силно ќе одговори на ваквите црни сценарија на Заев и СДСМ и народот на изборите ќе му ја врачи најголемата и најсилна „бомба” со која што Заев некогаш се соочил“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG