Линкови за пристапност

Бизнисот на правење вино во Вирџинија цвета


Бизнисот на правење вино во Вирџинија цвета
Бизнисот на правење вино во Вирџинија цвета

Заради економската рецесија Американците помалку трошат последниве години. Но една работа на која Американците не штедат е – виното. Се` уште нема конечни податоци за 2010, но Групата за конзумација на пијалоци проценува дека конзумацијата во САД расте 17-та година по ред. Американците исто така пијат повеќе вино од домашно производство отколку увезено, и не е сето вино од лозјата на западниот, калифорниски брег. На источниот брег исто така се прави добро вино, и тоа во близина на Вашингтон.

Бора Баки е домаќин на група од 12 мажи и жени кои стигнаа на брдото низ снег, да го пробаат неговото вино. Минатата година, околу 12 илјади луѓе дојдоа во неговата винарска визба во Пурсвил, Вирџинија, за тестирање. Слабеењето на економијата, вели тој, немало никакво влијание на неговиот бизнис.

„Има турска поговорка: Пиеш кога си тажен, пиеш кога си среќен. Така, и во лоша економија, луѓето наоѓаат начин да уживаат со чаша вино “, вели Баки.

Баки не планирал да има винарска визба кога дошол во САД од Турција во 1979. Тој се подготвувал да се пензионира од работа во корпорација, кога неговиот син Карем го убедил да влезе во бизнисот пред 10 години.

Карем дипломирал на правење вино. Тој правел вино не само за семејниот бизнис туку и за други лозја во Вирџинија. Тој вели дека Вирџинија е многу подобна за тој вид дејност.

Кога Хилсборо било отворено во 2003, тоа било 96-та винарска визба во Вирџинија. Денеска има 190 низ целата сојузна држава, на планините и долините, и по должина на крајбрежјето.

Ен Хајдиг и нејзиниот сопруг ја отвориле винарската визба на Езерото Ана близу Ричмонд во 1990 кога имало само околу десетина визби во државата. Денеска таа е претседател на Асоцијацијата на винарски визби на Вирџинија:

„Мислам дека квалитетот на виното од Вирџинија привлече некои големи инвеститори кои започнаа да одгледуваат грозје и да прават вино. Имаме луѓе и од Калифорнија кои дојдоа овде за правење вино. Мислам дека на Вирџинија се гледа како на можност, зашто е млада индустрија, се развива и е профитабилна“.

Иако неколку винарски визби во Вирџинија произведуваат и до 40.000 кутии вино годишно, најголем дел од винарските визби во Вирџинија се мали. Нивниот просек е меѓу 2500 и 5000 кутии годишно, од што 60 проценти се продава во винарската визба.

Туризмот е тоа што ја турка овдешната винарска индустрија. Пандит и Суда Патил ја отворија винарската визба Нармада во ноември 2009. Тие велат дека многу од нивните муштерии ги посетуваат винарските визби како алтернатива на одмор.

Како многу други винарски визби во Вирџинија, Нармада е опкружена со убава природа.

Тие имаат и жива музика во саботите и неделите . Освен тоа, Индијци се, што е реткост меѓу другите визби во Вирџинија. Тие велат дека нивното вино добро оди со индиска храна што ја служат како мезе.

Суда прави вино од 2008. Има добиено неколку медали на регионални и национални натпревари.

Но, винарите од Вирџинија не се конкуренти меѓу себе. Барем засега, додека индустријата овде се` уште се развива.

Анет Бојд се грижи за пласирање на вината од регионот во што е можно повеќе ресторани и продавници. Поголемите винарски визби почнуваат и да извезуваат, главно во Велика Британија.

XS
SM
MD
LG