Линкови за пристапност

Пожарите во Грција најверојатно подметнати


Постојат сериозни индикации и значајни наоди за криминална активност

Експертите по судска медицина во Грција ја продолжуваат својата тешка задача за идентификување на десетици луѓе за кои се знае дека починале во најсмртоносните пожари кои ја зафатија земјата во последниве децении.

Властите велат дека процесот на идентификација најверојатно ќе потрае уште неколку дена, бидејќи повеќето од телата биле целосно јагленосани.

Грчките власти се сомневаат дека подметнувањето пожари може да биде причина за катастрофата кои ја зафати Грција, во која загинаа најмалку 82 лица.

„Имаме сериозни индикации и значајни наоди за криминална активност“, рече министерот за јавен ред Никос Тоскас. „Ние сме вознемирени од многу фактори, меѓу кои има и физички наоди кои се предмет на истрага“, додаде тој.

Пожарите избувнаа во понеделникот на крајбрежната област североисточно од Атина, област популарна кај туристите. Спасувачите и волонтерите кои го пребаруваа она што останало од домовите, објавија сцени како од хорор филм, вклучувајќи и група од 26 лица кои изгореле заедно собрани во купче на едно место, а некои од нив и прегрнати.

Мртовечниците се преполни со роднини во потрага по најблиските. Експертите за судска медицина велат дека многу од жртвите не се во можност да се идентификуваат без евиденција на забите или примероци од ДНК.

Преживеаните велеа дека трчале на плажа за да избегаат од пламенот. Некои од нив, кои веќе биле изгорени, влегувале во вода, а потоа биле подигнувани од страна на фериброди, рибарски бродови но и бродови на крајбрежната стража.

Многу луѓе се лути, на како што велат тие, бавниот одговор на владата за катастрофата и нејзиниот неуспех за издавање предупредување. Тие, исто така, рекоа дека властите немале подготвено план за евакуација.

Пожарникарите изјавија дека се борат со пожари во неколку области, и дека ветерот помагал во доплнителното ширење на оганот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG