Светската здравствена организација повика на итна акција за да се намали бројот на сообраќајни несреќи во кои секоја година гинат 1,35 милиони луѓе, главно во сиромашните земји во развој.
Вo извештајот на Светската здравствена организација за 2018 година се наведува дека повредите во сообраќајот се водечка причина за смртта на деца и млади на возраст од пет до 29 години. На секои 24 секунди некој умира на патиштата. Според извештајот повеќе од половина од загинатите се пешаци, велосипедисти, моторциклисти и патници.
Етјен Круг е раководител на Одделот на Агенцијата на Обединетите нации за спречување на инвалидност, насилство и превенција на повреди. Тој вели дека има големи разлики меѓу развиените и земјите во развој.
„Во земјите со ниски приходи се еден процент од возилата во светот и 13 отсто од сите смртни случаи, додека во земјите со високи примања се наоѓаат 40 отсто од сите возила. Значи, тоа е 40 пати повеќе, но таму се случуваат само седум проценти од смртните случаи. Тоа е половина од смртните случаи, иако тие земји имаат 40 пати повеќе возила.“
Ситуацијата е најлоша во Африка, а најдобра во Европа. Меѓу клучните ризик фактори спаѓаат: брзото воење, конзумирањето на алкохол, некористењето на безбедносни појаси, кациги и системи за обезбедување на децата.
За Гласот на Америка, Круг вели дека вистинските мерки можат да спасат многу животи. Тие вклучуваат соодветни законски мерки, воведување на специјални патеки за велосипедистите и подобрување на квалитетот на возилата.
„Не е прифатливо во земјите во развој да се продаваат возила кои што изгледаат исто како возилата што ги гледаме во Швајцарија, во САД или на друго место, но всушност не се такви. Бидејќи за да ги направат поевтини, тие се лишени од нивните безбедносни карактеристики, како што се воздушни перничиња или електронска контрола на стабилноста итн.“
СЗО забележува дека 48 земји со среден и висок приход, кои имаат имплементирано силни закони за патниот сообраќај и други мерки за безбедност, постигнале напредок во намалувањето на смртните случаи во сообраќајот. Сепак, СЗО посочува дека таков напредок не е постигнат во земјите со ниски приходи каде недостасуваат мерки за безбедност.
Facebook Forum