Линкови за пристапност

СЗО и Фејсбук заедно ќе се борат против дезинформациите за вакцините


Од Светската здравствена организација велат дека дезинформациите се глобална закана по здравјето

Светската здравствена организација постигна договор со Фејсбук да ги насочува милионите корисници на страниците на СЗО каде можат да добијат точни информации за вакцините.

Дезинформациите се глобална закана по здравјето која може да го врати наназад деценискиот напредок постигнат во справувањето со болестите кои можат да се превенираат.
Фадела Чаиб, Портпаролка на СЗО


Светската здравствена организација вели дека дезинформациите за вакцините се исто толку опасни како и заболувањата што помагаат да се шират. Портпаролката на СЗО, Фадела Чаиб, за Гласот на Америка изјави дека дезинформациите се глобална закана по здравјето која може да го врати наназад деценискиот напредок постигнат во справувањето со болестите кои можат да се превенираат.

„Размислете за пример, кога СЗО води кампања за детската парализа во Пакистан или жолтата треска во Африка. Може да видите многу погрешни информации за опасноста од вакцините. И, знаеме дека вакцините функционираат ... Без вакцини луѓето ќе умрат “, рече таа.

СЗО проценува дека повеќе од три милиони луѓе умираат секоја година од болести што можат да се спречат од вакцинирање. Покрај тоа, се проценува дека со вакцините против сипаници, дифтерија, хепатитис, колера и други болести се спасуваат најмалку два милиони животи годишно.

Чаиб вели дека СЗО се свртува кон Фејсбук, Инстаграм, Пинтерест и други големи интернет страници за да престане ширењето на лажни вести и дезинформации за вакцините на социјалните медиуми.

„Се надеваме да допреме до сите генерации со вистински информации преку дигиталните платформи, бидејќи луѓето најчесто на тој начин ги добиваат информациите кои што им се потребни. Тие нема да одат директно на страната на СЗО или да читаат весник. Ќе одат на социјалните медиуми и ќе прочитаат што велат луѓето за вакцините.“

Но, од СЗО велат дека напорите на интернет не се доволни за да се запре глобалниот тренд кој што ја подигнува јавната свест против вакцините. Велат дека властите и здравствениот сектор мора да преземат значајни чекори за да ги отстранат грижите на родителите и да им влеат доверба дека со вакцините можат да се спасат животите на нивните деца.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG