Линкови за пристапност

Итни медицински тимови интервенираат на Бахамите по ударот на Доријан


Болницата во Гранд Бахама е поплавена и привремено медицинска помош мора да се пружа во теренска болница

САД и меѓународните агенции ги зголемуваат напорите за испраќање помош на Бахамите откако повеќе области погодени од ураганот стануваат достапни. Светската здравствена организација испрати медицински тимови за итна помош по неодамнешниот удар на ураганот Доријан.

Два медицинска тима за итна помош пристигнаа на Бахамите денеска, а трет се очекува во текот на утрешниот ден. Додека трае операцијата за пребарување на теренот и спасување на преживеаните, Светската здравствена организација се фокусира на клиничката грижа за повредените.

Координаторот на итните медицински тимови на СЗО, Јан Нортон, рече дека болницата во Гранд Бахама е поплавена со водаконтаминирана со отпадни води и привремено медицинска помош на оние на кои им е потребна мора да им се пружа во теренска болница. Тој, исто така, рече дека и другите клиники на островот се уништени или оштетени и ќе мора да бидат заменети со теренски.

Иако Нортон очекува бројот на жртви да се искачи на 30, тој сепак не очекува голем број повредени лица.

„За жал многу луѓе се удавија и ги загубија животите. Но, ние се свртуваме и кон оние луѓе на Бахамите кои имаат други здравствени потреби. Таму има 13% дијабетичари. Исто така, гледаме многу бубрежни заболувања во земјите од Пацификот и Карибите и на овие пациенти им е потребно посебно внимание“, вели тој.

Причина за загриженост, според Нортон, се и вектор преносливите болести и болестите кои ги пренесуваат комарците кои ги има во поголем број во областите со застоени води по поплавите.

Посебни процедури и протоколи се предвидени за подигање и одложување на телата на загинатите, но Нортон нагласува дека тие не шират болести.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG