Линкови за пристапност

СЗО бара од владите да се борат против дијабетесот


Дијабетесот е четири пати почеста појава отколку во 1980-те и сега зафаќа 422 милиони возрасни луѓе

Светската здравствена организација вели дека дијабетесот зема замав насекаде низ светот и ги повикува владите на сеопфатен пристап за да се поништи трендот.

СЗО известува дека дијабетесот е четири пати почеста појава отколку во 1980-те и сега зафаќа 422 милиони возрасни луѓе. Тоа е 8,5 проценти од возрасната популација во светот што претставува зголемување од 4,7 проценти или 108 милиони луѓе во 1980 година.

Многу од возрасните луѓе кои имаат развиено дијабетес живеат во земји во развој, со ограничен пристап до третман. Иако многу луѓе од земјите во развој се' уште ја одгледуваат сопствената храна, популацијата во поголемите градови нема простор за тоа.

Извештајот објавен по повод Светскиот ден на здравството, што е во четврток, го обвинува прекумерното конзумирање на засладени пијалоци и масна и слатка храна за зголемување на дебелината во Латинска Америка, Азија и некои градови во Африка.

„Доколку сакаме да направиме било каков напредок во запирање на растот на дијабетесот, ние треба да го преиспитаме нашиот начин на живеење: да јадеме здрава храна, да сме физички активни и да избегнуваме зголемување на телесната тежина“ вели доктор Маргарет Чан, генерален директор на СЗО.

Во прилог на нагласување на превенцијата, СЗО повикува на комбинирање на фискалната политика, законодавството, промената на животната средина, образованието и подобрувањето на пристапот до инсулин за борба против глобалниот пораст на дијабетисот.

XS
SM
MD
LG