Линкови за пристапност

СЗО: трикратно зголемен бројот на инфекции на КОВИД-19 кај младите


САД, Франција, Германија, Шпанија и Јапонија се меѓу државите кои пријавуваат најголем раст на инфекции кај младите луѓе

Светската здравствена организација соопшти дека е регистрирано трикратно зголемување на бројот на заболени од КОВИД-19 кај младите во последните пет месеци, посочувајќи дека причината за ова е недостаток на социјално дистанцирање.

Глобалната здравствена агенција известува дека 15% од шесте милиони случаи кои се регистрирани од крајот на февруари до средината на јули отпаѓаат на лица на возраст меѓу 15 и 24 години.

На крајот на февруари, тој број беше 4,5%.

„Ова го кажавме порано и ќе го кажеме повторно: младите луѓе не се непобедливи“, вели генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејзус. „Младите можат да бидат заразени; младите можат да умрат; и младите луѓе можат да го пренесат вирусот на другите “.

Здравствените експерти велат дека е помала веројатноста младите да носат маски и да одржуваат социјална дистанца. Исто така, тие веројатно ќе одат на своите работни места, на плажа, во бар или на шопинг.

САД, Франција, Германија, Шпанија и Јапонија се меѓу државите кои пријавуваат најголем раст на инфекции кај младите луѓе.

Во светот има вкупно 18,5 милиони инфекции, според Џон Хопкинс. Многу нации доживуваат драматичен пораст на бројот на инфекции и смртните случаи, вклучувајќи ја и Австралија, каде беше објавен еднодневен рекорд од 725 нови случаи и 15 смртни случаи во јужната држава Викторија, дом на вториот по големина град во Австралија, Мелбурн.

Во САД, кои водат во светот по број на инфекции, гувернерите на шест држави формираа алијанса за набавка на вкупно 3,5 милиони тестови за брзо тестирање на коронавирус. Иницијативата во која се вклучени Луизијана, Мериленд, Масачусетс, Мичиген, Охајо и Вирџинија се презема во услови на недостаток на национална стратегија за тестирање, заедно со големите доцнења во објавувањето на резултатите од тестовите од страна на приватните лаборатории.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG