Шефот на Светската здравствена организација СЗО, денес го отвори годишното Светско здравствено собрание во Женева со оддавање почит на 115 илјади здравствени работници ширум светот кои ги загубија своите животи борејќи се со пандемијата.
Во своите коментари до телото за донесување одлуки на СЗО, генералниот директор Тедрос Аданом Гебреизус рече дека здравствените работници со пандемијата се борат веќе скоро 18 месеци.
Тедрос рече дека е задоволен од бројот на нови и смртни случаи кои се во опаѓање веќе три последователни недели, но предупреди дека светот останува во многу опасна ситуација.
Тој рече: „Пандемијата не е завршена и нема да заврши сè додека не се контролира пренесувањето во секоја земја“.
Шефот на СЗО повторно ги критикуваше најбогатите нации во светот за, како што рече, „скандалозната нееднаквост“ при испораката на вакцините за ковид-19. Тој истакна дека повеќе од 75 проценти од сите дози на вакцини се администрирани во само 10 земји.
Тој ги повика земјите-членки да го поддржат огромниот притисок за вакцинирање на најмалку 10 проценти од населението од секоја земја до септември, и најмалку 30 проценти до крајот на годината.
Претходно, Тајван ја критикуваше рамнодушноста на СЗО кон здравствените права на луѓето на островот. Тајван не беше поканет на собранието, затоа што Кина извршила притисок врз СЗО.
Во заедничката изјава, министерот за надворешни работи на Тајван Џозеф Ву и министерот за здравство Чен Ших Чунг рекоа „Како професионално меѓународно тело за здравство, СЗО треба да им служи на здравјето и благосостојбата на целото човештво и да не потклекнува пред политичките интереси на одреден член“.
Тајван е исклучен од повеќето меѓународни организации како СЗО поради замерки од Кина, која смета дека самоуправувачкиот остров е дел од нејзината територија, а не независна земја.
Во неделата, Волстрит журнал објави дека тројца научници од кинескиот институт за вирусологија во Вухан, биле примени во болница во ноември 2019-тата година - еден месец пред Кина да го потврди својот прв случај на коронавирус. Веста најверојатно ќе ја поттикне теоријата дека вирусот можеби сепак избегал од кинеска лабораторија.
Индија стана третата земја што надмина 300 илјади смртни случаи поврзани со пандемијата, откако Министерството за здравство објави повеќе од четири илјади смртни случаи од ковид во претходните 24 часа. САД забележаа скоро 590 илјади смртни случаи, додека Бразил се приближува кон 450 илјади лица. Ресурсниот центар Џонс Хопкинс излезе со бројка од 3,4 милиони смртни случаи во светот.
Facebook Forum