Линкови за пристапност

Алармантен раст на отпорноста на антибиотици по сериозни инфекции


Ова го вели Светската здравствена организација по најново спроведената анкета

Според нови податоци од 22 земји со високи и ниски примања, отпорноста на антибиотици на сериозни бактериски инфекции, расте со алармантно темпо. Светската здравствена организација направи анкета врз половина милион луѓе, за кои се верувало дека имаат бактериски инфекции, меѓу март, 2016-та и јули, 2017-ма година.

Истражувањето, прво од ваков вид, е од витално значење за подобрување и разбирање на степенот на отпорноста на микробите во светот. Портпаролот на Светската здравствена организација Кристијан Линдмејер, за Гласот на Америка изјави дека наодите содржат бројни предупредувачки елементи.

„Податоците од овие земји ни` покажуваат дека во случајот на најчестите бактерии, или кои најчесто се отпорни на антибиотиците, нивото на отпорност може да е до 65, дури и до 82 процента, во зависност од бактериите, што е навистина алармантно“, истакна Линдмејер.

Најчесто пријавените бактериски инфекции кои покажуваат отпорност, се e-coli инфекциите, потоа стафилококата, пневмонија и салмонела. Светската здравствена организација ги охрабрува сите земји, да воспостават добри системи за надзор, со цел да се открие отпорноста на лекови. Ова, како што вели, ќе обезбеди потребни информации за справување со, како што ја нарекува, една од најголемите закани по глобалното јавно здравје.

Ако отпорноста на лекови не е успешно решена, Линдмејер предупредува дека светот може да се врати во опасните денови пред да биде измислен пеницилинот.

„Една едноставна инфекција, исекотина, мала хируршка интервенција, одеднаш може да се претвори во потенцијално најопасна ситуација по живот, бидејќи инфекциите потоа ќе се покажат како отпорни на лекови. Третманот за ракот, на пример, ќе стане огромен предизвик, згора на самата болест, бидејќи и онака слабиот имунолошки систем, не може да се подобри со антибиотици. Секоја инфекција би претставувала дополнителен ризик“, подвлече портпаролот на Светската здравствена организација.

Линдмејер додава дека некои земји ги земаат овие предупредувања сериозно, а како примери ги наведе Кенија, Тунис и Кореја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG