Белата куќа објави дека постои можност претседателот Доналд Трамп да стави вето на новите санкции кон Русија, Иран и кон Северна Кореја, што предизвика остри критики од страна на американските законодавци од двете политички партии.
„Тој може да ги потпише санкциите онакви какви што се, или може да стави вето, и да преговара за уште построг договор против Русите“, изјави директорот за комуникации на Белата куќа Антони Скарамучи за ТВ-мрежата „Си-Ен-Ен“.
Дури и навестувањето за можно вето предизвика жестока реакција на Капитол хил.
„Мислам дека тоа ќе биде многу голема грешка“, изјави за Гласот на Америка републиканскиот сенатор од сојузната држава Тексас Џон Корнин.
„Што би било подобро отколку тие (Белата куќа) да работат на мерката“, вели тој.
Демократскиот сенатор од сојузната држава Мериленд, Бен Кардин, член на Комисијата за надворешни односи на Сенатот вели дека „овие санкции му даваат на претседателот посилна позиција во справувањето со Путин“.
Ако тој стави вето, тоа значи дека не сака посилна позиција во справувањето со рускиот претседател, вели лидерот на малцинството во Сенатот Чак Шумер.
Според него, тврдењето на Скарамучи дека Трамп би можел да преговара за уште посилни санкции против Русија, е „смешно“.
Претставничкиот дом го одобри пакетот санкции со 419 наспроти 3 гласа. Слично гласање се очекува и во Сенатот.
За време на преговорите, администрацијата на Трамп првично се повлече од она што го виде како обид за ограничување на извршната власт, за еднострано да ги ублажи санкциите.
Таа загриженост се чинеше дека беше решена на почетокот на неделава, кога Белата куќа изрази поддршка за мерката.
„Претседателот ги поддржува санкциите кон овие земји, и сака да осигура дека тие остануваат, но, во исто време сака да осигура дека ќе имаме добри договори. Овие две работи се многу важни за претседателот“, изјави портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва, најверојатно ќе се одмазди ако се наметнат нови санкции.
Facebook Forum