Линкови за пристапност

Белата куќа ја координира помошта за Порторико


Белата куќа објави дека 10.000 лица, вклучувајќи 7.000 војници му помагаат на Порторико, да застане на нозе по опустошувачкиот ураган Марија.

Мобилната болница на американската морнарица со 1.000 болнички кревети стационирана во сојузната држава Вирџинија, денеска треба да пристигне на островот.

Советникот за национална безбедност Том Босерт, истакна дека Порторико во моментов има 44 оперативни болници од вкупно 69.

Пентагон го назначи генерал-полковникот Џефри Буханан да го предводи севкупната армиска помош во Порторико, која е американска територија.

Критичарите ја обвинија администрацијата на Трамп дека не одговорила доволно брзо, по природната непогода којашто го зафати Порторико на 17-ти септември, при што беше причинета огромна материјална штета.

Расел Хонор, кој го координирал армискиот одговор по ураганот Катрина во 2005-та, рече дека армиската помош во Порторико доцни најмалку четири дена.

Босерт тврдеше дека оддалеченоста од копнениот дел на САД е главна причина за одложување на доставата на помош за погодените.

Регионалниот администратор на ФЕМА Џон Рабин, кажа дека американската влада досега доставила 1,1 милиони литри вода и околу 1 милион оброци за околу 3,5 милиони жители за Порторико. Тој рече дека се потребни бродови, а не авиони во доставување на помошта.

Официјални лица сепак предупредуваат дека и натаму има големи предизвици. Илјадници контејнери со храна и вода се заглавени во пристаништето на Сан Хуан, и чекаат на понатамошна дистрибуција. Недостигот на возачи на камиони ги забавуваат операциите на терен.

Претседателот Трамп треба да го посети Порторико и американските Девствени острови во вторник.

Во Конгресот, демократите повикаа на итно усвојување легислатива за помош на Порторико и Девствените острови.

За време на брифинг, конгресменката Нидиа Веласкез од Њујорк, која ги посети погодени области минатата недела, ги опиша условите како „шокантни“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG