Линкови за пристапност

Се` уште имаме проблеми со Договорот од Преспа, рече грчкиот премиер Мицотакис во Вашингтон


Грција со нова улога на Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Грција ги поддржува промените во европскиот процес, кои треба да ја доближат државата до ЕУ, изјави грчкиот премиер пред средбата со претседателот на САД Доналд Трамп

Се` уште имаме проблеми со Договорот од Преспа, особено со трговските марки и одбраната на брендот македонски, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, пред вчерашната средба со претседателот на САД Доналд Трамп.

„Им помагаме на компаниите да го заштитат брендот, и ќе работиме систематски во таа насока. Но, истовремено кажавме дека ќе го предводиме Западниот Балкан во ЕУ. Ако сакаме нашиот интерес кај северниот сосед да биде земен предвид, потребен ни е отворен пристапен процес со Унијата. Не треба да им ја затвориме вратата в лице“, рече Мицотакис на дебата во Атлантскиот совет во Вашингтон.

Тој повтори дека е разочаран од ветото на Франција за пристапните преговори на Северна Македонија, и додаде дека Грција ги поддржува промените во европскиот процес, кои треба да ја доближат државата до ЕУ.

„Направен е прогрес во врска со промените кои би можеле да се направат во процесот на пристапување. Се надевам дека во мај во Загреб, Франција, Данска и Холандија ќе ги преиспитаат нивните одлуки“, рече грчкиот премиер.

Тој истакна дека Грција се наметнува како столб на стабилноста на Балканот, и оти Вашингтон и Атина сега имаат заедничка агенда да работат кон зголемување на безбедноста во Југоистична Европа, преку интеграција на остатокот од Западниот Балкан во трансатлантската заедница.

„Десет години бевме префокусирани на нашите внатрешни проблеми. Време е да се вратиме во регионот со напредна агенда“, најави Мицотакис.

Оваа агенда беше тема на разговор и со претседателот Трамп. Двајцата лидери зборуваа за американски инвестиции во Грција, можност за купување воена опрема од САД, а ги спомнаа и акциите на Турција, кои Мицотакис ги опиша како провокативни.

Трамп, пак, рече дека очекува трговска соработка меѓу двете држави.

Според новата стратегија, САД во Грција гледаат и клучен сојзуник во спроведување на американската стратегија во регионот на Источен Медитеран.

Мицотакис денес има средби во Сенатот и Претставничкиот дом, а вечерва ќе пристувува на прием организиран од потпретседателот на САД Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG