Претседателот Обама ја продолжи за една година националната вонредна состојба во однос на Западниот Балкан.
Мерката првично беше донесена со извршна наредба бр. 13219 на претходниот претседател Џорџ Буш на 26-ти јуни 2001-ва, како реакција на заканата по националната безбедност и надворешната политика на САД од постапките на лица кои помагаат, спонзорираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Република Македонија и на други места во западниот Балкан, го попречуваат Дејтонскиот договор во Босна и Резолуцијата 1244 на ОН за Косово. Буш ја надополни извршната наредба со нова, бр. 13304 во мај 2003-та.
Во најновата наредба, Обама наведува дека донел одлука за продолжувањето поради тоа што постапките на лицата кои се закануваат на мирот и меѓународните напори за стабилизација на Балканот и натаму претставуваат закана по САД.
Обама ја продолжи истата наредба на една година и во јуни 2008-ма.
На „црната листа“ од наредбата се наоѓаат лица и нивни организации и компании, на кои им е замрзнат имотот во САД и забранет влез во земјата, а на американските компании и поединци им е забрането да водат бизнис со нив.
Од Македонија, на листата се наоѓаат ОНА, Џеват Адеми, Гафур Адили, Нури Беџети, Љубе Бошкоски, Даут Реџепи, Мендух Тачи, Невзат Халили, Џавит Хасани, Кастриот Хаџиреџа, Џемаљ Хисени и Џезаир Шаќири.