Укинувањето од први јули на роаминг услугите помеѓу шесте држави од Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и БиХ, ќе биде од полза не само за туризмот туку и за регионалните економии и бизнис секторот, велат бизнисмените.
Тоа значи дека ако се наоѓате во некоја од овие држави, повикот кон вашите во земјава, како и смс пораките ќе се наплаќаат по исти цени како да сте дома.
„Намалувањето на цените во роамингот е една квалитетна поддршка на целото стопанство во државата, а особено за граѓаните што патуваат во овој период на годината“, вели Мевмед Џемаилоски, бизнисмен од Струга.
Но, некои сметаат дека ова требало да се случи многу порано оти бесплатниот роаминг во Европа постои со години.
„Публицитетот кој се дава на оваа работа само покажува колку сме уназадени и неинтегрирани како Балкан. Нешто што цел бизнис и цела Европа го ползува како поволност во изминатите 15 години, ние во моментот го доживуваме како револуција. Зошто Западен Балкан не го воведе ова во изминатите15 години? Мислам дека во тој период живеевме во свет на лаги и национализам“, вели Филип Стефаноски, опственик на туроператор.
Но, Стефаноски вели дека сепак ова ќе биде од корист за сите оние кои работат и патуваат во регионот, како и за туристите од Балканот, кои се најбројни во Охрид. За Џемаилоски пак ова е бенефит за компаниите, како неговата, кои се извозно ориентирани.
„Тоа е големо олеснување за бизнисмените кои работат во регионот, но и за туристите кои ќе доаѓаат од Балканот и во Македонија. Сега останува уште да се укинат граничните премини кои се бесмислени, како што е и роамингот. Границите постојат само на Балканот“, рече Стефаноски.
Џемаилоски вели дека ќе биде од колема корист ако се стави под контрола пандемијата.
„Кој како сака може да го употреби или злоупотреби овој договор. Но јас мислам дека ова е многу важен чекор во отварањето на соработката со стопанствениците од соседните држави“, рече тој.
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ, од неодамнешниот Преспа форум во Охрид, рече дека воведување на бесплатен роаминг е една од најубавите работи кои досега се случиле.
„Една од најубавите работи која ми се случи во последно време беше кога слетав на аеродромот во Охрид и ми стигна порака дека повеќе не се наплаќа роаминг тарифа и дека во целиот овој регион, во сите наши држави, цените се исто како дома. И во Северна Македонија и во Црна Гора, БиХ, Албанија. И се сетив дека всушност ние го направивме тоa во рамките на регионалната соработка, а со помош и поддршка на ЕУ“, рече Брнабиќ.
Следен чекор што од Охрид го најавија Брнабиќ и премиерот Зоран Заев е ваква можност да се овозможи и со земјите од ЕУ. Но, бесплатниот роаминг не значи и дека интернет услугите се целосно бесплтни. АЕК ги повикува граѓаните да внимаваат во тој дел.
Facebook Forum