Линкови за пристапност

Дебата во Вашингтон: Грешка ќе биде ако Северна Македонија не добие датум за преговори


ЕУ не треба да ја остави земјата да чека, истакнаа учесници на вчерашната панел-дискусија во САД, посветена на Западен Балкан

Ќе биде грешка ако Северна Македонија во јуни не добие датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија. Ова беше речено на вчерашната панел-дискусија во Вашингтон посветена на новите предизвици на Западниот Балкан организирана од Универзитетот Џонс Хопкинс.

“Тоа повторно ќе им даде сила на националистичките и изолационите сили во Македонија. Во исто време тоа ќе биде и негативен сигнал и отворање на дилемата дали вреди да се биде прозападно ориентиран реформатор, кој прави болни компромиси, кога државата која направила најтешки одлуки не е наградена. Тоа ќе биде ‘студен туш’ врз реформаторите во регионот“, вели Флоријан Бибер, директорот на Центарот за југоисточни европски студии од Универзитетот во Грац.

​Бибер, одговарајќи на наше прашање додаде дека недобивањето датум за преговори ќе биде обесхрабрувачко за владата и за народот. Но, истакна дека единствена причина поради која би можело да се случи одложување на почетокот на преговорите за Северна Македонија, а и за Албанија, е домашната политика на Франција.

„Ова ќе биде предизвик за владите од Западен Балкан да убедат една земја членка на ЕУ, која во последнава година не покажа чувство за лидерство“, смета Бибер.

Сите панелисти беа согласни дека Преспанскиот договор е уникатен пример и модел по кој треба да се решаваат споровите во тој регион.

​„Премиерот Заев и премиерот Ципрас презедоа голем ризик за да се постигне овој договор за мир. Многу е битно да е наградат лидерите што преземат ризик во име на мирот. Големо разочарување е што поради француското противење тоа е одложено“, вели Џозеф.

Даниел Сервер од Школата за напредни меѓународни студии од Вашингтон смета дека тоа може да се примени и во спорот меѓу Србија и Косово.

​„Македонската резолуција има потенцијал да поттикне позитивен развој. Само помислете, ако не беше решен проблемот со името на Македонија, колку потешко би било сега решавањето на спорот меѓу Косово и Србија“, рече Сервер.

Дискусијата беше заокружена со заклучокот дека покрај решавањето на меѓусебните проблеми, од големо значење за напредок на регионот е зацврстување на демократијата и владеење на правото на што треба да се продолжи да се работи.

Дебата во Вашингтон: Грешка ќе биде ако Северна Македонија не добие датум за преговори
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

XS
SM
MD
LG