Линкови за пристапност

Прва жртва на западнонилската треска во Македонија


Заболеле уште двајца, но заздравуваат, според министерот за здравство Тодоров.

Македонија ја регистрира и првата жртва на западнонилска треска. 53-годишна жена вчера починала на Инфективната клиника во Скопје, откако со нарушена здравствена состојба била хоспитализирана на 11-ти септември, по што и` бил дијагностициран менингитис. Таа е една од трите случаи кои поради треската биле примени на Клиниката. Жената, која боледувала од дијабетес, хипертензија и зголемена телесна тежина, престојувала во Грција, а веднаш по враќањето се пожалила на нарушено здравје.

„Станува збор за ризичен пациент кој претходно боледувал од дијабетес, хиптертензија и зголемена телесна тежина. Лицето на Клиниката било хоспитализирано од 11-ти септември. Второто лице е на возраст од 66 години со дијагноза менингоенцефалитис и во моментов е во добра општа состојба, во фаза на излекување. Третото лице е дете хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, родено 2005-та година, со дијагноза менингитис и тоа е во добра општа состојба и во фаза на излекување“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

Од Институтот за јавно здравје соопштија дека примероците од лабораториските анализи ќе бидат испратени во лабораторијата „Роберт Кох“ во Берлин, за да се изолира вирусот и да се утврди за кој тип се работи.

Според Министерството за здравство, минатата година во Македонија беа докажани четири случаи на западнонилска треска кои успешно биле излекувани. Министерот Тодоров потенцира дека се работи за заразно заболување кое не се пренесува од човек на човек, туку од каснување на комарец.

Од Министерството апелираат да се преземаат превентивни мерки. Во Македонија веќе се спроведува Акционен план за превенција од вектор-преносливи болести со посебен акцент на комарци и крлежи.


„Во над 70 проценти од општините извршено е мапирање на теренот, исушување на застоени води и спроведена е ларвицидна и адултна дезинсекција, која е докажана најдобра превентивна мерка за уништување на комарците“, рече Тодоров.

Пред Македонија, случаи на западнонилска треска беа регистрирани во повеќе балкански земји. Во Грција досега се потврдени 129 случаи од кои осум починале, во Србија - 30 лица, од кои пет се починати, а во Хрватска - три случаи на заболени. Во Европа има повеќе од 529 инфицирани od западнонилскиот вирус.
XS
SM
MD
LG