Линкови за пристапност

Уште 108 години се потребни за жените да станат рамноправни со мажите


Жените треба да чекаат повеќе од еден век за да се затвори јазот помеѓу половите, додека повеќе од два века се потребни за да добијат исти економски можности со мажите, стои во Извештајот на Светскиот економски форум

Извештајот на Светскиот економски форум ја мери родовата еднаквост во 149 држави врз основа на нивните перформанси во четири области: економски можности, политичко зајакнување, образование и здравство.

Според овие стандарди Исланд се рангира како земја со најголема еднаквост на половите 10-та година по ред, по што следуваат Норвешка, Шведска и Финска. На шесто место е Руанда, додека Намибија за прв пат влегува во првите десет земји, со што стана втора земја од Субсахарска Африка која влегува во оваа група.

За споредба, САД оваа година паднаа за две места на 51-та позиција. Авторката на извештајот, Садиа Захиди, за Гласот на Америка изјави дека падот на САД во рангирањето се должи на слабите перформанси на економската и политичката еднаквост.

„Кај економското учество, вкупниот приход заработен од жени се споредува со вкупниот просечен приход заработен од мажи. Во тоа има многу голем јаз ... Вториот аспект е политичкото јакнење, според кој САД се рангираат на 98-тото место во светот“, вели Захиди, посочувајќи дека извештајот не ги вклучува резултатите постигнати од жени на конгресните избори во САД.

Во извештајот се наведува дека Западна Европа во просек е регион со највисоко ниво на родова еднаквост, по што следуваат Северна Америка, Латинска Америка, Источна Европа и Централна Азија, Источна Азија и Пацификот.

По шест години регистриран напредок, родовиот јаз во Субсахарска Африка започнал повторно да се шири. Во извештајот се наведува и дека Јужна Азија е втор регион со најнизок резултат, при што Блискиот Исток и Северна Африка имаат најлоши перформанси во подобрувањето на родовата рамноправност.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG