Повеќе од една година рестораните за свадби се празни поради пандемијата, и истите беа откажани. Ако работите не се променат, ситуацијата може да биде иста и ова лето, кога се одржуваат и најголем дел од свадбените веселби.
Ана Јанчева, менаџерка на струшкиот хотел Дрим, вели дека само во нивниот објект, минатото лето биле откажани стотина свадби, кои биле презакажани за годинава. Но, и тие се ставени на чекање.
„Ќе биде голем удар за нас ако и оваа година не може да се одржат свадбите. Се надевам дека барем за локациите на отворено тоа ќе биде овозможено“, рече Ана Јанчева, менаџерка на хотел Дрим во Струга.
Пандемијата донесе економски крах во многу дејности. Без работа останаа и музичарите, но и организаторите на настани. Велат ги трошат заштедите од минатите години.
„Прво емотивно сме испразнети, а за економски и да не зборуваме. Имам чувство дека никогаш нема да пееме повторно. Се надевам дека во блиска иднина ќе се средат работите и дека ќе пуштат некои протоколи, за да можеме барем по двајца или тројца да настапуваме“, изјави музичарот и член на охридскиот музички еснаф, Ѓоко Таневски.
„Пандемијата ни влијаеше многу на бизнисот. Дуќанот кој го имавме во центарот на градот го затворивме и сега работиме во домашни услови. Тешко ќе биде да преживееме уште една ваква година. Голем дел беа свадби. Најголем придонес имавме од нив. Но, работевме и музички спотови, кампањи, концерти и слично, но сега се е застанато“, рече Ѓоко Наумовски, сопственик на видео продукција
За сега нема протоколи од Комисијата за заразни болести за одржување на свадбените прослави и други настани.
„Имаше некаков предлог, но колку се реално изводливи не знам, затоа што целата контрола и целиот товар ќе падне на нас како организатори на свадбите. Но, доколку има, ние ќе дадеме се’ од себе да ги испочитуваме во интерес на здравјето на гостите но и персоналот“, додаде Јанчева.
„Мора да се донесат било какви протоколи, нека бидат и со помал број на лица, но да знаат дека ќе можат да прават свадби. Сега во моментот нема никакви протоколи, а од денес за утре никој нема да дојде од Америка или Австралија да прави свадба“, вели Наумовски.
Многумина ја напуштиле дејноста и почнале да работат друга работа. Неодамна индустријата за организирање на настани, на протести пред владата побара неповратна финансиска помош во вид на грантови, затоа што според нивните податоци, имале пад на работата за 62 проценти.
„Мора да најдеме чаре да излеземе од оваа дупка. Можеби ќе треба и наредните пет години да живееме вака. Државата нема сила за да може да не исплати и во наредните пет години“, додава Наумовски.
На рестораните за свадби државата досега им помогна во минималните плати, како и во еднократната парична помош од 10 илјади евра, што според нив е само помеѓу 2 и 4 проценти од вкупно остварениот промет во 2019-та година.
Facebook Forum