Линкови за пристапност

Заеднички за заштита на водните екосистеми


Заеднички за заштита на водните екосистеми
Заеднички за заштита на водните екосистеми

Регионална министерска конференција во Охрид

Заштитата на водите и водните екосистеми мора да биде заедничка цел на меѓународната заедница. Водата е природно заедничко наследство од најголема важност за развојот на земјоделството и рибарството, туризмот индустријата, транспортот, како и за обезбедување на комуналните услуги за граѓанското општество, истакна македонскиот министер за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи на отворањето на регионалната министерска конференција - „Интегрирано управување со речните сливови“, што се одржа во Охрид, а на која учествуваат десет земји.

„Со интегриран пристап и примена на еколошките принципи за спречување и коригирање на штетите од загадувањето, како и со претпазливо и рационално користење на природните ресурси, може да се унапреди нивниот одржлив развој“, рече Јакупи.

Министерот кажа и дека со заеднички напори на меѓународно и регионално ниво може да се спречи распаѓање на водите и водните екосистеми и подобрување на нивниот квалитет.

Организаторите сакаат конференцијата да поттикне дијалог и да овозможи заедничка платформа за усвојување на законодавни и политички принципи.

„Со тоа ќе се промовира заштитата на водите и заедно ќе се обврземе да спроведуваме нивно интегрирано, оддржливо управување“, рече Јакупи.

Тој апелираше меѓународната заедница да ја препознае потребата за финансиска поддршка за балканскиот регион, за да интензивира заедничкото дејствување, пред се` заради тешката економска криза што го погоди светот во изминативе две години.

Средбата во Охрид е можност за координиран консултативен процес на надлежните институции и министрите од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Србија, Словенија, Турција и Унгарија, како и агенциите, амбасадите, научниците и бизнис-заедницата На неа ќе се промовираат и новите технолошки решенија за унапредување на управувањето со водите. Се очекува да бидат усвоени две заеднички декларации - за интегрирано управување со речните сливови и, конкретно, за Дримскиот речен слив.

Организатор е Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија со поддршка од италијанското Министерство за животна средина, копно и море.

XS
SM
MD
LG