Американскиот државен секретар Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров почнаа преговори во Женева, во обид да договорат мирен крај на војната во Сирија.
Претходните рунди преговори меѓу највисоки дипломати од Вашингтон и од Москва не ставија крај на конфликтот во Сирија.
За време на состанокот со Лавров, двете страни ќе се обидат да постигнат договор за воената соработка и споделување информации, со цел да се поразат милитантите на Исламската држава во Сирија, што е во интерес на двете страни.
Првичниот план на Кери, кој беше објавен за време на разговорите во Москва во јули годинава, подразбира координирање на воздушните напади на борците на Исламската држава, како и спречување на сириската воздушна сила да продолжи со воздушните напади.
Состанокот се случува во време на зголемени тензии во Сирија, откако Турција на почетокот на неделава одлучи да испрати тенкови на границата со Сирија, во делот контролиран од Исламската држава.
Турскиот министер за надворешни работи рече дека Кери разговарал со него на телефон во четвртокот, и соопштил дека сириските курдски сили ќе се повлечат.
Американскиот потпретседател Џо Бајден, на турските лидери неделава, им рече дека Курдите ќе ја изгубат поддршката на САД, ако не се повлечат.