Во рок од неколку дена, првите дипломати на Грција и Македонија разменија критики за начинот на којшто нивните влади приоѓаат кон спорот околу името.
Најпрвин, грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, во интервју за грчкиот неделник „Реал“, оцени дека неодамнешните изјави на македонскиот колега Никола Попоски во врска со прашањето „сугерираат целосна непопустливост“ и инсистираше на грчкиот став: „Сложено име со географска одредница, за внатрешна и надворешна употреба. Ова подразбира промена на уставното име. Новото име ќе биде `erga omnes`, за употреба во однос на сите“.
Ако БЈРМ има тензии со Грција, тензии со Бугарија, тензии со Албанија, и тензии со Србија, во однос на црковни прашања (...), како тогаш БЈРМ може да биде фактор на стабилност?Евангелос Венизелос, министер за надворешни работи на Грција
Попоски денес реагираше со коментар дека ставот е неприфатлив и се коси со логиката и меѓународното право.
„На ваков тип на аргументи и многу одлучувачи-луѓе во земјите членки на НАТО и на ЕУ не можат да останат индиферентни и сметам дека ова нема многу позитивен одек на многу места и надвор од Македонија, каде што едноставно може да го квалификуваме како неприфатливо, неразумно и надвор од основниот принцип за почитување на меѓународното право“, ја пренесе Македонската информативна агеција (МИА) изјавата на Попоски, дадена на тркалезната маса „Евро-атланстските предизвици на Република Македонија: проблеми, политичка реалност, идни решенија и можности по самитот на НАТО во Велика Британија, што се одржа во Скопје.
Наједноставната дефиниција на ваквиот пристап е фрлање магла и избегнување на одговорноста за немањето желба да се надмине наметнатиот спор.Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија
Венизелос во интервјуто тврди дека македонскиот премиер Никола Груевски „го користи името како лост во домашната политика“ и „дека проблем број еден на нашата соседна земја е етничката кохезија и целосната имплементација на Охридскиот договор“. Според грчкиот претставник, „овие проблеми се поголеми од проблемот со името, исто како што е и прашањето за националниот идентитет и јазикот меѓу БЈРМ и Бугарија“. Згора на тоа, тој тврди и дека „Европската унија знае за овие проблеми на демократијата, владеењето на правото, слободата на печатот, транспарентноста, етничките односи” и завршува со прашање во однос на македонските НАТО-аспирации: „Ако БЈРМ има тензии со Грција, тензии со Бугарија, тензии со Албанија, и тензии со Србија, во однос на црковни прашања (...), како тогаш БЈРМ може да биде фактор на стабилност?“
Попоски, пак, денес возврати дека “ниту еден од тие аргументи не е релевантен бидејќи во однос на НАТО во 2008-ма година, Алијансата има констатирано дека ги исполнуваме сите критериуми, освен наметнатиот спор за името, што не е критериум стандарден поставен од НАТО, а за патот кон ЕУ во 2009-та година и веќе 6 години последователно, вклучително и оваа година, ЕК констатира дека ги имаме исполнето сите критериуми за почеток на преговорите. Наједноставната дефиниција на ваквиот пристап е фрлање магла и избегнување на одговорноста за немањето желба да се надмине наметнатиот спор“.
Поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН, којшто едно време беше и македонски министер за надворешни работи, Срѓан Керим, исто така говореше на денешната трибина. Тој смета дека Македонија во евроатлантската интеграција треба да инсистира на ангажманот на САД, Германија и на Франција.
„Мислам дека сите наши активности треба да ги насочиме кон ставање на знаење дека и тие се одговорни за ова што се случува затоа што тоа се заклучоци на НАТО и на ЕУ, а се врзани конкретно за пречката што и е поставена на РМ. Според тоа, за да се симнат тие заклучоци, не е доволно само Македонија и Грција да се договорат, туку треба држави како Америка, Германија и Франција и други повлијателни земји членки на овие две институции да влијаат врз грчката страна да се разговара и да се дојде до решение“.
Во врска со прашањето за спорот за името, вчера во емисијата 360 на ТВ Алсат коментираше поранешиот преговарач, Никола Димитров. Тој се осврна во таканаречената „антиквизација“ и барањето на идентитетските корени во антиката. Според Димитров, овој процес ги потхранува шовинистичките политички кругови во Атина и им дава аргументи за остварување на нивните интереси, а воедно ги збунува и пријателите на Македонија коишто имаат добри намери да и` помогнат во решавањето на спорот.