Линкови за пристапност

Скандалот со конгресменот Винер се развива


Скандалот со конгресменот Винер се развива
Скандалот со конгресменот Винер се развива

Демократскиот конгресмен Антони Винер од Њујорк призна дека испратил непристојна фотографија од него самиот преку Твитер на млада жена. Признанието дојде во понеделникот, на прес-конференција, повеќе од една недела на негирање од негова страна дека ја испратил фотографијата и откако во јавност се појавија повеќе негови непристојни фотографии.

Со солзи во очите претставникот во Конгресот Антони Винер излезе на подиумот да каже дека „направил големи грешки“. Тој се извини прво на неговата сопруга, Хума Абедин, која подолго време работела за Државната секретарка Хилари Клинтон, но исто така рече дека разочарал и повредил други.

„Не бев искрен кон себе си, моето семејство, мојата изборна база, пријателите, поддржувачите и медиумите. Минатиот петок, на Твитер испратив фотографија што сакав да ја испратам како директна порака и дел од шега наменета за жена во Сиетл“, кажа конгресменот.

Винер кажа дека кога сфатил оти фотографијата ја испратил на сите кои го следеле на Твитер наместо на студентка на колеџ за која била наменета, тој „испаничил“ по што минал цел ден давајќи интервјуа за случајот во кои тврдеше дека некој провалил во неговиот профил на Твитер.

Но за време на полчасовната прес-конференција тој исто така призна дека праќал слики и текстуални пораки на шест жени во текот на изминатите три години. Винер кажа дека никогаш лично не ги сретнал жените со кои се допишувал на интернет и понекогаш разговарал по телефон, како и дека не ја знае со сигурност нивната возраст. Тој исто така рече дека немал сексуален однос надвор од неговиот брак. Четириесет и шестгодишниот конгресмен се оженил минатата година.

Запрашан дали планира да даде оставка на функцијата, конгресменот Винер одговори:

„Длабоко жалам за тоа што го направив и не давам оставка“.

Но лидерот на демократското малцинство Ненси Пелоси веднаш објави соопштение повикувајќи на истрага од страна на Комисијата за етички прашања за да се утврди дали Винер ги прекршил правилата на Претставничкиот дом и злоупотребил официјални ресурси, и кажа дека е „длабоко разочарана и изненадена од ситуацијата, дека жали за неговата сопруга, семејство, соработници и за луѓето што го избрале“.

Аналитичарите велат дека Винер може да биде под притисок да даде оставка заради потенцијалот на скандалот да нанесе штета на политички план. Неколку слики што се појавија во понеделникот го покажуваат Винер без кошула, како ги покажува мускулите.

Овие фотографии се потсетување на фотографија на поранешниот конгресмен Крис Ли, републиканец од Њујорк, кој брзо си даде оставка откако се обелодени дека испратил негова фотографија без кошула, на жена на Крег-листата. Тој беше заменет со демократ кој ги доби специјалните избори во традиционално републикански дистрикт минатиот месец.

XS
SM
MD
LG