ВАШИНГТОН - Врховниот суд на САД во петокот го отфрли обидот да се блокира политиката на администрацијата на претседателот Џо Бајден, според која приоритет во депортацијата на илегалните имигранти имаат оние кои претставуваат најголема закана за јавната безбедност или се наоѓаат во граница на САД.
Со гласови од 8 спрема 1, судиите дозволија конечно да стапат на сила одамна задоцнетите правила, признавајќи го фактот дека САД немаат доволно пари или работна сила да ги депортира сите 11 милиони луѓе кои легално не се во САД.
Судиите го отфрлија предизвикот од државите Луизијана и Тексас, контролирани од републиканците, кои тврдеа дека федералниот закон треба да бара од властите да ги приведат и депортираат сите луѓе кои нелегално влегле во САД, дури и ако тие претставуваат мал или никаков ризик.
Овие држави тврдеа дека ќе се соочат со дополнителни трошоци доколку федералните власти одлучат да им дозволат на луѓето да останат во САД кои потоа ќе мора да ги затворат.
Судот пресуди дека државите немаат воопшто правна основа за да можат да поднесат тужби во тој контекст.
Централно место во случајот е директивата на Одделот за домашна безбедност од септември 2021 година, која ги запре депортациите од САД, освен во случаи кога поединци извршиле терористички дела, шпионажа или „големи закани за јавната безбедност“.
Директивата, издадена откако Бајден стана претседател, ги ажурираше правилата од мандатот на Доналд Трамп за депортирање луѓе од САД, без оглед на криминалната историја или врските во заедницата.
Судијата на Врховниот суд, Брет Кавано, во мислењето напиша дека извршната власт нема друг избор освен да постави приоритети:
„Ова е затоа што на извршната власт секогаш и недостасуваат ресурси за апсење и кривично гонење на прекршителите на кој било закон и мора постојано да реагира и да се прилагодува на постојано променливите потреби за јавна безбедност и благосостојбата на американскиот народ“, напиша судијата Брет Кавано.
Секретарот за домашна безбедност Алехандро Мајоркас ја поздрави одлуката на Судот, велејќи дека таа ќе им овозможи на службениците за имиграција „да ги фокусираат ограничените ресурси и активностите за спроведување на законот на оние кои најмногу придонесуваат за нашата национална и гранична безбедност и јавна безбедност“.
Извор: Асошиетед прес