Линкови за пристапност

Потпретседателските кандидати, Пенс и Харис, дебатираа среде загриженоста од коронавирусот


Во дебата што ја илустрираше поделбата во врска со одговорот на коронавирусот во државата, потпретседателот Мајк Пенс и демократската кандидатка за потпретседател, сенаторката Камала Харис, се судрија по прашањето за одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп во првите денови на пандемијата.

Во 90-минутнатата дебата во средата, на Универзитетот на Јута во Солт Лејк Сити, Пенс и Харис рсправаа за теми од економијата и животната средина, до претстојната битка за номинацијата на претседателот Трамп за Врховниот суд.

Но, соопштението на Трамп од минатиот петок дека бил дијагностициран со со коронавирус цврсто го задржа фокусот на кандидатите на пандемијата што резултираше со повеќе од 211.000 смртни случаи и повеќе од 7,7 милиони заразени во САД, според податоци од Џонс Хопкинс Универзитетот.

„Американскиот народ е сведок на најголемо потфрлање на администрација на претседател во историјата на нашата држава“, рече Харис.

„Можете да замислите ако сте знаеле на 28 јануари, а не на 13 март, тоа што тие го знаеле, што ќе направевте да се подготвите? Тие знаеле и тоа го криеле“, додаде таа.

Пенс кажа дека одлуката на претседателот да ја затвори државата за оние што патуваат од Кина во раните денови на пандемиjaта „купила бесценто време да се покрене најголемата национална мобилизација од Втората светска војна. И јас верувам дека спаси илјадници американски животи“.

Средбата меѓу Пенс, 61 година, и поранешен гувернер на Индијана, и Харис, 55 години, и сегашна сенаторка од Калифорнија, беше втора од четирите дебати меѓу лицата на републиканското и демократското изборно ливче во овој изборен циклус.

Единствената дебата меѓу потпретседателските лица на изборите имаше многу различен тон од претседателската дебата меѓу Трамп и демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, минатата недела. И Пенс и Харис воглавно ги почитуваа правилата за дебатата и имаа вистинска размена на мислење за политиката за да ја претстават својата страна директно на гласачите.

Потпретседателската дебата речиси никогаш не резултира во драматичен пресврт на јавното мислење. Но со неодамнешната дијагноза на Трамп и загриженоста за 77-годишниот Бајден, кај гласачите е обновен интересот за тоа кој би ја водел државата во случај на неочекуваното.

Пенс, кој ја предводи работната група за коронавирус во Белата куќа, го избегна прашањето поврзано со настанот на 26 септември во Градината на розите во Белата куќа, на кој се смета дека претседателот бил заразен, првата дама и десетина други претставници на Белата куќа. Како дел од поширока дебата, тој рече „претседателот и јас веруваме дека американскиот народ ќе направи што е потребно во интерес на нивното здравје. Џо Бајден и Камала Харис постојано зборуваат за мандати, и не само за мандати во врска со коронавирусот туку за владино преземање на здравството, за Нов зелен план, целосна контрола на владата. Ние сме за слобода и за почитување на слободата на американскиот народ“.

Како мерка на предострожност на инсистирање на Харис и нејзината кампања кандидатите беа разделени со бариера од плексиглас во аудиториумот, а публиката носеше маски.

XS
SM
MD
LG