Поранешниот специјален претставник на САД во Украина Курт Вокер, денес треба да сведочи пред три комитети на Претставничкиот дом, за неговата вклученост во договорите на претседателот Доналд Трамп со Украина.
Закондавците сакаат да дознаат дали Вокер е поврзан со жалбата на свиркачот дека Трамп побарал помош од украинскиот претседател Володимир Зеленски за да добие информации против политичкиот ривал Џо Бајден и неговиот син Хантер.
Се очекува прашањата да бидат во врска со телефонскиот разговор меѓу Трамп и Зеленски во јули годинава, постапките на Вокер по тој разговор, како и за активностите на личниот адвокат на Трамп Руди Џулијани поврзани со обвинувањата дека Трамп барал Зеленски да го истражува поранешниот потпретседател Бајден.
Овие обвинувања излегоа на виделина минатата недела, кога свиркачот објави дека според повеќе официјални лица на Белата куќа, Трамп, исто така, барал Зеленски да се сретне и да разговара со Џулијани и главниот правобранител Вилијам Бар.
Вокер поднесе оставка еден ден откако беше објавена жалбата на свиркачот.
Тој помогнал во обидите да се организираат средбите меѓу Џулијани и Зеленски.
Стејт департментот изјави дека на барање на советникот на Зеленски, Вокер го поврзал со Џулијани.
Вокер ќе сведочи зад затворени врати пред претставници на Комитетите за разузнавање, надзор и реформи и за надворешни работи, кои се во центар на истрагата за импичмент на претседателот Трамп.
Facebook Forum