Линкови за пристапност

Волерс: Различните заедници, религии и културни традиции ги прават општествата појаки


„Разликите може да создадат и недоразбирања, стравови и сомневања, а медиумите се тие кои треба да помогнат да се надминат ваквите потешкотии“, кажа американскиот амбасадор во Македонија.

„Во земји со различни етникуми, култури и религии разликите се нешто што треба да се почитува и прифати бидејќи тоа таквите општества ги прави посилни. Но, разликите може да создадат и недоразбирања, стравови и сомневања, а медиумите се тие кои треба да помогнат да се надминат ваквите потешкотии“, потенцираше американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс, во своето обраќање на учесниците на тридневната работилница „Градење или уривање: Медиумите и социјалната кохезија“, која започна вчера, и на која, во организација на Амбасадата на САД, учествуваат претставници на медиуми од Македонија и од Косово.

На почетокот на работилницата, чија главна тема е кохезивната улога на новинарството, американскиот амбасадор порача: „Различноста може да резултира со недоразбирања, сомнеж и страв. Но, медиумите се тие кои можат да ја градат или да ја урнат толерантноста и разбирањето. Различните заедници, религии и културни традиции ги прават општествата појаки. Тоа е нешто што треба да се цени и да се прифати. Медумите се тие кои што може да одиграат позитивна или негативна улога во прифаќањето на различностите“.

Според амбасадорот Волерс, улогата на медиумите е особено поважна во период на зголемено влијание на Интернетот и на социјалните мрежи: „Над две милијарди луѓе во светот имаат пристап до интернет секојдневно. Во Македонија има 800.000 профили на „Фејсбук“. Интернетот дефинитивно стана јавно место во 21 век и глобален форум каде луѓето се среќаваат, разговараат, разменуваат идеи. Некои тоа го прават во позитивен контекст, но некои ги користат да изразат критика да нападнат и осудат“.

Според Волерс, иако денес многу повеќе информации луѓето добиваат преку Интернет, отколку од традиционалните медиуми, тоа сепак, не мора да значи и подобра информираност. „Во услови на ваква променлива средина одговорното професионално и избалансирано новинарство е многу поважно и клучно за развојот на нашите општества. Со промената на медиумскиот пејзаж и појавата на социјалните медиуми улогата на новинарството не е променета. Напротив, таа е уште поважна“, потенцираше американскиот амбасадор.

XS
SM
MD
LG