Линкови за пристапност

Волерс убеден дека прашањето за името ќе биде решено


Амбасадорот Пол Волерс
Амбасадорот Пол Волерс

„Ние не се откажуваме“, одговори американскиот амбасадор на новинарско прашање при доделување на опрема за АРМ.

„Убеден сум дека прашањето за името ќе биде решено, само прашање на време е кога тоа ќе се случи, и колку време ќе треба. Но, ние не се откажуваме“. Оваа порака денеска ја упати амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс, одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку блиску или далеку од решение е деценискиот македонско-грчки спор.

„Ние секогаш работиме и ќе работиме и со Атина и со Скопје, и со Грција и со Република Македонија по прашањето за името. Јас сум секогаш оптимист, во спротивно не би бил дипломат. Нема да се откажеме. Знам дека одредени луѓе се скептици, но нема да се откажеме. А кога тоа ќе се случи, тоа ќе биде среќен ден за сите“, изјави амбасадорот Волерс.

А како доказ на американската посветеност кон Македонија, денеска беше доделена нова воена помош - беспилотни летали, комуникациска опрема, пушки, багери и друга воена механизација, дел од вкупната помош доделена годинава од 6 милиони долари. Тоа е потврда за искрената поддршка од САД кон Македонија, но и за конзистентноста на политиката на партнерството и меѓусебната доверба на двете држави, истакна министерот за одбрана на Македонија Талат Џафери.

„Опремата што е пред нас е само дел од севкупната донација, односно средствата кои се пристигнати во 2013 година, а чија вредност изнесува 6 милиони долари“, рече Џафери.

За амбасадорот Волерс, задоволство е да се помага во трансформација на АРМ и во заложбите на Министерството за одбрана на тој план.

„Опремата не се однесува само на обезбедување возила, оружје, радија и друга тешка опрема. Таа се однесува на зголемување на интероперативноста преку заеднички платформи“, рече тој.

САД се едни од најголемите донатори на воена опрема за АРМ. Од 1996-та – досега, донирале над 100 милиони долари, дел во опрема, дел во обуки.
XS
SM
MD
LG