Поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ, соопшти премиерот Зоран Заев вечерва од говорницата во партискиот штаб.
„Ја преземам одговорноста на себе за ваквиот развој на политичките настани заклучно со резултатите на овие избори“, рече Заев истакнувајќи дека партијата постигнала лоши резултати на локалните избори.
Тој додаде дека би останал на позицијата додека да се реорганизира нова Влада, како и дека не се согласува со предвремени избори.
„За крај и во вакви околности останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов, додека треба, за да помогнам да се реорганизира нова влада, со прогресивно мнозинство, кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“, истакна Заев.
Обраќањето на Заев следеше откако досегашниот скопски градоначалник, Петре Шилегов ѝ честиташе победа на неговата противкандидатка, Данела Арсовска.