Линкови за пристапност

Заев од говорницата во ОН: Денеска за прв пат ви се обраќам како претставник на Република Северна Македонија


Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ, истакна премиерот во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации

Мојата земја е членка на Обединетите Нации од 1993 година, но денес за прв пат ви се обраќам како претставник на Република Северна Македонија. Оваа година стапи во сила Спогодбата од Преспа, со што се реши 27- годишната разлика што ја имавме со Грција.

Со овие зборови на македонски јазик премиерот Зоран Заев го почна своето обраќање од говорницата на Обединетите нации во Њујорк каде се одржува 74. Генерално собрание на меѓународната организација.


Премиерот во своето обраќање се осврна на повеќе глобални политички, социјални и еколошки теми. Сепак голем дел посвети на Договорот со Грција.

Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија
Зоран Заев, премиер на РСМ


„Одлучивме да ги оставиме зад нас закоравените ровови од минатото и да се свртиме кон нови посветли перспективи и напредок, преку партнерство и решенија постигнати преку соработка, рече Заев.

Тој пред присутните делегати објасни што значи Спогодбата.

„Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“, рече премиерот.

Заев додаде дека Спогодбата од Преспа реба да биде поттик за трансформација на Балканот.

„Немавме гаранции за успех. Успехот го постигнавме заедно со нашите колеги од Грција. Ова е пресвртница која треба да служи како катализатор на процесот на трансформација на Балканот. Таа може да послужи и како пример за надминување на тешки долготрајни проблеми, за кои се чини нема решение“, истакна Заев.


Во контекст на евроатлантските аспирации на земјата, го го спомна и Договорот за пријателство со Бугарија.

„Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ“, додаде Заев.

Дел од својот говор Премиерот посвети и на климатските промени, истакнувајќи дека глобалното затоплување е глобално предупредување.

Лажните информации и дезинформациите, заедно со целно-насочените кампањи и натаму се закана и го поткопуваат глобалното демократско владеење
Зоран Заев, премиер на РСМ


„Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Република Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики“, рече премиерот.

Во дел од обраќањето посочи и на заканата што доаѓа од појавата на лажните информации.

„Лажните информации и дезинформациите, заедно со целно-насочените кампањи и натаму се закана и го поткопуваат глобалното демократско владеење, истовремено ставајќи ја на испит отпорноста на демократските општества во целиот свет“, рече Заев.


Обраќајќи се до претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, Заев рече дека Северна Македонија и натаму ќе го поддржува мултирателизмот.

„Република Северна Македонија и натаму цврсто го поддржува мултилатерализмот. Ќе продолжиме да работиме со сите засегнати страни во денешниов фрагментиран свет. Ова е наш заеднички свет“, истакна Заев.

Генералното собрание на ОН годинава се одржува по 74. пат., а официјално ќе заврши во недела. Во рамките на македонската делегација се и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

XS
SM
MD
LG