Линкови за пристапност

Влатко Стефановски: Без Охридското езеро ќе го нема ниту Охридско лето


Охридско лето годинава со себе носи сили пораки за поголема грижа за заштита на Охрид како светско природно и културно наследство под заштита на УНЕСКО

Бројни пораки за заштита на Охрид и зачувување на неговиот статус како град под заштита на УНЕСКО, стигнуваат од уметниците, кои учествуваат на 59-то издание на најпрестижната културна манифестација во Северна Македонија, Охридско лето.

Влатко Стефановски: Без Охридското Езеро ќе го нема ниту Охридско лето
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:30 0:00

​Последна во низата пораки, упати и светски познатиот гитарист, Влатко Стефановски, кој заедно со Мирослав Тадиќ, одржаа двочасовен концерт на Античкиот театар. Стефановски рече дека се приклучува кон апелот за заштита на Охрид и Охридското езeро, затоа што вели без него нема да има ништо, а ќе го нема ниту „Охридско лето“.

Се приклучувам кон сите апели и добра волја за да имаме и Охридско лето, да го имаме и Охридското езеро и да го имаме и Охрид
Влатко Стефановски

„До мене деновиве пристигнуваат безброј пораки. Се работи за заштита на непроценливото богатство на Охридското езеро и градот Охрид. Се приклучувам кон сите апели и добра волја за да имаме и Охридско лето, да го имаме и Охридското езеро и да го имаме и Охрид“.

Порака за спас на Охрид упати и светски познатиот тенор, Благој Нацоски, кој исто така со неколку првенци на Македонската опера и балет, настапи на фестивалот. Тој пред својот настап во црквата Света Софија, порача:

„Да не заборавам, чувајте го Охрид и Охридското езеро“, рече Нацоски.

Тие за време на својот концерт ја изведоа песната „Биљана платно белеше“, како што кажаа, како симболична порака за спас на Охрид. Примадоната на операта и балетот, Весна Ѓиновска Илкова, на својот профил на Фејсбук, пак, напиша:

„Благодарам на колегите Ирена Кафкалевска, Благој Нацоски, оркестарот на НОБ со кои ја отпеавме оваа песна да пратиме силна порака за заштита на нашиот Охрид и зачувување на статусот на природно и културно наследство на охридски регион“, напиша таа на Фејсбук.

Силни пораки за статусот под УНЕСКО, кој Охрид го има уште од далечната 1980 година, беа испратени и на самото отворање на фестивалот, на 12 јули. Театарскиот режисер, Александар Поповски, цитирајќи дела на неодамна починатиот писател, Горан Стефановски во името на уметниците, индиректно повика да се отвори фронт против уништувањето на природното и културно наследство во Охрид.

„Горан вели на едно место. Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а Вие слушајте дивоградби. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го задуши човека. Месото мора да се откорне со нокти, а раната да се изгори со жар“, рече Александар Поповски.

Голем дел од уметниците кои изразуваат големи симпатии за Охрид, каде се одржува скоро шест децении и фестивалот Охридско лето. Велат дека Охрид, располага со големо културно и природно богатство кое тоа треба да се негува.

„Неверојатно е колку убав град е Охрид. Многу ми се допаѓа, сум бил повеќе пати, но првпат имав прилика да слушнам за историјата, традицијата и културата на ова поднебје од професионален туристички водич. Научивме многу интересни работи“, рече Клемен Хвала, челистот на квартет „Дисонанс“ од Словенија.

„Сум била пет или шест пати во Охрид. Секогаш кога сум овде чувствувам некоја посебна позитивна енергија. После оваа прошетка и сите овие факти и приказни кои ми ги раскажаа, јасно ми е зошто сум се чувствувала толку посебно во Охрид“, изјави по настапот на Охридско лето, светски познатата оперска дива од Албанија, Инва Мула.

Сите овие пораки кои пристигнуваат од врвни домашни и светски уметници, доаѓаат во време кога Охрид и регионот се во опасност да го загубат статусот кој го имаат како заштитено светско природно и културно наследство веќе четири децении, а поради многубројните, нерешени со децении, проблеми.

Поради ова локалните власти во Охрид и државната власт најавуваат серија мерки со цел Охрид да ја оправда довербата и втората шанса која ја доби од УНЕСКО, на почетокот на јули во Баку, Азербејџан, каде што на земјава ѝ беше даден рок до февруари 2020 година, да одговори позитивно на сите препораки и барања за да не се случи најлошото, Охрид да се најде на црната листа на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО.

Граѓаните и еколошките активисти се надеваат дека пораките кои стигнуваат од сите страни, властите ќе ги сфатат сериозно и дека Охрид и Охридското езеро ќе останат онаму каде што се сега.

XS
SM
MD
LG