Линкови за пристапност

Влатко е најдобриот избор: Македонецот Андоновски со суперлативи промовиран за селектор на женскиот фудбалски тим на САД


Играчите и тимот со него очекуваат ново поглавје во историјата на националниот женски фудбалски тим, рече генералната директорка на Американската фудбалска асоцијација, Кејт Маркграф

Со неговото искуство со професионалните играчи, со начинот на кој ја гледа играта, како ја води играта и менаџира со тимот, Андоновски стана нашиот најдобар избор. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција во Њујорк каде Македонецот Влатко Андоновски беше промовиран за нов селектор на американската женска фудбалска репрезентација, која важи за најдобра во светот.

Генералната директорка на Американската фудбалска асоцијација Кејт Маркграф истакна дека потрагата по нов селектор била опширна, како низ САД, така и низ светот, но дека изборот сепак паднал врз Андоновски, оти верувале дека може успешно да се носи со тежината на новата улога.


„Знам дека играчите и тимот со него очекуваат ново поглавје во историјата на националниот женски фудбалски тим“, рече Маркграф.

Андоновски, скромно пред новионарите се заблагодари на неговата претходничка, селекторката Џил Елис. Истакна дека се поставени високи стандарди, како и дека знае оти од него се очекува да ги исполни тие стадарди.

„Знам дека ќе биде многу важно да се победи на сите големи турнири“, рече Андоновски.

Ако не ги следиме трендовите, сите други репрезентации ќе нè стигнат. Сепак, не сакам само да ги следиме трендовите. Сакам ние да поставиме трендови. Сакам да бидеме креативни и да бидеме лидери во трендовите
Влатко Андоновски


Сепак, додаде дека ќе оди и кон внесување нов тренд во играта на националниот тим, за и понатаму да останат лидери во светот.

„Ако не ги следиме трендовите, сите други репрезентации ќе нè стигнат. Сепак, не сакам само да ги следиме трендовите. Сакам ние да поставиме трендови. Сакам да бидеме креативни и да бидеме лидери во трендовите“, нагласи Андоновски.

Андоновски има 43 години. Пред да допатува во САД, играл како дефанзивец во тимовите на Работнички, Македонија ЃП и Вардадр. Во САД доаѓа во 2000 година, по што продолжил да игра футсал (фудбал во сала). По завршувањето на фудбалската кариера, во 2006 година продолжува како тренер во САД.

Зад него веќе се седум сезони во американската женска професионална фудбалска лига. Почнал во тимот на Канзас Сити, со кој има освоено две национални шампионски титули. Од 2017 година тој го води тимот на Реин, во кој настапуваат дел од фудбалерките што се во составот на американската репрезентација.


Очекувањата од Андоновски, како што објавуваат американски медиуми, се големи, особено откако летово националниот тим на САД ја освои четвртата шампионска титула во светот.

Како нов селектор, Андоновски веднаш ќе почне со подготовки на тимот за квалификациите за Олимписките игри во Токио во 2020 година. Први пријателски средби што го очекуваат се со репрезентациите на Шведска, на 7 ноември и со Костарика на 10 ноември.

XS
SM
MD
LG