Линкови за пристапност

Андоновски почна со победа: Триумф на женскиот фудбалски тим на САД над Шведска


Под водството на македонскиот селектор, американската репрезентација ја победи Шведска со 3:2 во пријателскиот меч што пред повеќе од 20.000 гледачи се одигра во Охајо

Со победа стартуваше ангажманот на Влатко Андоновски, македонскиот тренер кој од неодамна го презеде селекторското кормило на женскиот национален фудбалски тим на САД. Под водството на Андоновски, американската репрезентација ја победи Шведска со 3:2 во пријателскиот меч што пред повеќе од 20.000 гледачи се одигра вчеравечер на стадионот во Колумбус, Охајо.

Првото полувреме беше во знакот на Американките, кои поведоа уште во 6. Минута со голот на Лојд. Дваесетина минути подоцна, фудбалерките на САД поведоа со 2:0, за пред крајот на првото полувреме да постигнат и трет погодок во голот на Шведска.


Во второто полувреме тимот на САД имаше неколку шанси, но откако ги пропуштија, Швеѓанките кон крајот на мечот го подобрија квалитетот на игра и успеаја да постигнат два гола.

Андоновски на крајот од мечот рече дека натпреварот е добро искуство и додаде дека и покрај победата, не е среќен што примиле два гола. Најави дека ќе работат на подобрување на играта.

Следниот дуел на женскиот фудбалски тим на САД е против репрезентацијата на Костарика што ќе се одигра во недела во Флорида.

XS
SM
MD
LG