Европската унија покажува силна доза на воздржаност за иницијативата на власта за ветинг во судството и во обвинителството. Ваквата потенцијална мерка дипломатските претставници на ЕУ во земјава ја сметаат за последна опција. Според евроамбасадорот Самуел Жбогар претходно треба да се преземат други чекори за подобрување на ситуацијата. „Сега не гледаме потреба од ветинг“ – изјави Жбогар.
„Нашата позиција за ветингот е јасна. Мислам дека претпочитаме да се искористат сите други елементи за подобрување на судството кое, конечно, и не е во толку лоша ситуација. Мислиме дека има многу други начини за подобрување пред се одвнатре од самото судство, што би значело саморегулација. Ветингот секогаш е последната опција и за тоа треба да се исполнат одредени предуслови како консензус меѓу партиите. Значи, ветингот е последната опција за која сега не гледаме потреба“, истакна Жбогар.
Ветингот секогаш е последната опција и за тоа треба да се исполнат одредени предуслови како консензус меѓу партиите. Значи, ветингот е последната опција за која сега не гледаме потребаСамуел Жбогар, Евроамбасадор во С.Македонија
Ставот на евроамбасадорот е одговор на прашањето што мисли за вчерашниот повик на премиерот од партиски собир дека мора да има прочистување на судско-обвинителската фела од како што ги нарече Сваровски судските центри на моќ кои се последни тврдини на заробената држава.
„Прочистување во судството почнува веднаш, одма. Прочистување на судиите и обвинителите мора да има“, рече премиерот Зоран Заев на вчерашниот митинг.
Но, прочистување во форма на ветинг е извесно дека ќе нема до априлските вонредни избори. Прво, зашто за такво нешто нема консензус меѓу власта и опозицијата и второ, поради воздржаноста на меѓународната заедница за ваква опсежна опeрација на темелна проверка на кадрите со кои располага судството и обвинителството.