Русија да не се меша во ситуацијата во Венецуела, е пораката што се очекува американскиот државен секретар Мајк Помпео да му ја пренесе на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на нивната денешна меѓусебна средба.
Пред состанокот, кој е закажан во Финска, Помпео нагласи дека ќе го пренесе ставот на американскиот претседател, кој побара да нема странски мешања во случувањата во Венецуела. Барањето се однесува и на Русија.
Средбата меѓу Помпео и Лавров доаѓа ден после состанокот што рускиот шеф на дипломатијата го имаше со министерот за надворешни работи на Венецуела, во Москва.
Венецуелскиот министер рече дека е можно неговата земја да употреби и руско оружје доколку продолжат обидите на опозицискиот лидер, Хуан Гуаидо за соборување на претседателот Николас Мадуро.