Линкови за пристапност

Гуаидо повика на генерален штрајк, продолжуваат насилствата во Венецуела


Една жена загина откако била застрелана во глава за време на протестите во Каракас. Повредени се десетици лица

Хуано Гуаидо, самопрогласениот претседател на Венецуела, повика на генерален штрајк што би почнал денеска и би ја опфатил целата земја. Тоа е најновиот потег на Гуаидо во напорите за соборување на актуелниот претседател Николас Мадуро.

На улиците во Каракас веќе два дена се случуваат насилства и судири меѓу поддржувачите на Гуаидо и силите лојални на Мадуро. Една жена загина откако била застрелана во глава за време на протестите во Каракас. Повредени се десетици лица.

Високите офицери од армијата на Венецуела и натаму не одговараат на повикот од Гуаидо да преминат на негова страна.

Претседателот Мадуро, пак, изјави дека обидот за негово соборување ќе пропадне и се закани дека на поттикнувачите на протестите ќе им се суди за сериозни прекршувања на уставот, мирот и на правната држава.

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, вчера изјави дека САД се подготвени на воена акција во Венецуела, „доколку се јави потреба“. Но, ниту Помпео, ниту претседателот Доналд Трамп не истакнаа јасно што би бил поттик за САД да интервенираат воено.

САД посочија и дека илјадници кубански воени сили се распоредени во Венецуела. Висок кубански дипломат го отфрли тоа тврдење како неточно, истакнувајќи дека 20.000 Кубанци, кои се присутни во земјата, се медицински работници.

XS
SM
MD
LG