Линкови за пристапност

САД го повлекуваат целиот персонал од амбасадата во Венецуела


Државниот секретар Мајк Помпео истакна дека одлуката за затворање на амбасадата е поради влошувањето на ситуацијата во Венецуела

Целиот преостанат персонал од амбасадата на САД во Каракас, ќе биде повлечен во текот на оваа недела, најави државниот секретар Мајк Помпео.

Според објаснувањето на Помпео, одлуката за затворање на амбасадата следи поради влошувањето на ситуацијата во Венецуела, како и поради заклучокот дека присуството на дипломатски претставници таму веќе не е во согласност со американската политика.

Стејт департментот уште во јануари нареди сиот непотребен персонал да ја напушти Венецуела, неколку дена откако Николас Мадуро ги прекина дипломатските односи со Вашингтон и побара американските дипломати да заминат. Тоа се случи веднаш штом претседателот Доналд Трамп официјално го призна лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо за преоден претседател на Венецуела.

Најавата на САД за затворање на амбасадата доаѓа во време кога Венецуела се соочува со неколкудневен колапс на енергетскиот систем. Затворени се училишта, бизниси, а во продавниците веќе немаат начин за одржување на храната во ладилници.

Дел од болниците имаат генератори, па некои од пациентите се префрлаат во тие одделенија за да им бидат спасени животите.

Мадуро ги обвини САД и венецуелската опозиција за колапсот на енергетскиот систем, тврдејќи дека бил извршен кибернетски напад.

САД негираат каква било поврзаност со падот на енергетскиот систем на Венецуела, а опозиционерот Гуаидо обвини дека корупцијата и неодржувањето на мрежата се причина за колапсот.

XS
SM
MD
LG