Дали да се вакцинираат додека се бремени и со која вакцина. Со оваа дилема се соочуваат голем дел од трудниците откако почна масовната вакцинација низ македонските градови.
„Се пријавив за вакцинација уште на самиот почеток. Но, искрено малку сум на мисла дали би се вакцинирала додека сум бремена. До сега барем никој не кажа дека е 100 проценти безбедно за бремени жени да се вакцинираат. Но, се надевам дека ќе дојде редот да се вакцинирам“, вели Емилија Маневска, трудница од Скопје.
Во ситуација кога нема јасни насоки за трудниците, се обративме до здравствените работници и организации, да ја разјаснат дилемата – Дали бремените жени да се вакцинираат и со која вакцина?
„Од досегашните примери, во кои трудници биле вакцинирани, од кои некои и не знаеле, се добива впечаток дека е релативно безбедна за бремените жени“, објаснува Д-р Денис Ал Кхалили, од здружението „Лулка“.
Апелирам, до сите трудници, да ја примат вакцината, без разлика која вакцина е.. Сите вакцини се одлични во превенцијата на заболувањетоД-р Марјан Стојовски, ГАК
Докторот од Клиниката за гинекологија и акушерство, Д-р Марјан Стојовски, пак, упати директен апел:
„Апелирам, до сите трудници, да ја примат вакцината, без разлика која вакцина е.. Сите вакцини се одлични во превенцијата на заболувањето. А и доколку некоја заболи од Сарс Ковид-2, тогаш симптомите се многу полесни и тие пациентки имаат многу полесна клиничка слика“.
Втора честа дилема за која трудниците немаат доволно сознанија е дали смеат да го дојат новороденчето, доколку се позитивни на коронавирусот.
На Универзитетската клиника за Гинекологија и акушерство, заради превенција, бебињата се одвојуваат од мајките што боледуваат од ковид-19.
„Се препорачува тие мајки да се измолзуваат, а бебето да биде во друга просторија. Но, сепак, да го примаат млекото од самата мајка. Зошто? Бидејќи тоа млеко е богато со антитела кои му ја даваат отпорноста во имуниот систем на самото новороденче“, објасни Д-р Стојовски.
Со доењето, мајката и да е позитивна и да прележала ковид, дел од антителата нејзини и заштитата се пренесуваат на бебетоД-р Денис Ал Кхалили, Здружение „Лулка“
Од здружението Лулка, пак, кое советодавно се грижи за бремените жени и за мајките, апелираат да не се ускратуваат физичкиот контакт и личното доење.
„Со доењето, мајката и да е позитивна и да прележала ковид, дел од антителата нејзини и заштитата се пренесуваат на бебето“, истакнува Д-р Ал Кхалили.
Сите овие прашања создаваат грижи кај младата трудница од Скопје. Сепак, решението го гледа во вакцините.
„Единствена светла точка во целава ситуација ми е само ванкцинацијата“, категорична е Маневска.
Од почетокот на пандемијата, во специјализираниот ковид-центар за трудници на Клиниката за Гинекологија имало околу 390 породувања. Притоа на свет дошле нешто повеќе од 400 бебиња. За жал, до мај годинава, четири од заболените трудници, после породувањата, не успеале да се извлечат.
За да се избегнат овие фатални случаи кај трудниците, лекарите се категорични – да се почитуваат мерките за заштита и да не се чека со вакцинацијата.