Линкови за пристапност

Успешни жени уриваат предрасуди: На бизнис состанок може да се дојде и со своето бебе


Во Северна Македонија расте бројот на жени што самостојно влегуваат во бизнисот. Сепак, повеќето од нив сè уште се во рамките на дејностите со помал број на вработени и заработки. За да се успее потребен е уште повеќе труд, поддршка од државата, но и надминување на предрасудите во општеството

Воодушевување кај присутните предизвика млада менаџерка која со своето бебе дојде на првиот Самит за женско претприемништво во Скопје. Колку и да беше изненадување, нејзиниот потег беше оценет како пример дека грижата за семејството не е пречка за активно водење бизнис.

Успешни жени уриваат предрасуди: На бизнис состанок може да се дојде и со своето бебе
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

„Овој ден е најнормален за мене и децата не треба да претставуваат пречка во работата и во секојдневните обврски“, вели Елена Митановски, сопственичка на бизниси.

Сепак, како што истакнуваат организаторите на Самитот, за да има повеќе успешни бизнис приказни, неопходна е поддршка од општеството.


„Им треба средина во која што ќе се развиваат, им треба да бидат поттикнати, им треба промоција, им треба вмрежување и пристап до финансии“, нагласи Валентина Дисоска, претседателка на Националната платформа за женско претприемништво, во чија организација беше Самитот.

Дали се компаниите создадени од мажи или од жени, мене не ми прави разлика. Но, сметам дека жената е таа којашто знае да го зачува тоа што го создава.
Валентина Тасева, Семос едукација


Според Валентина Тасева, сопственичка на „Семос едукација“ и носителката на признанието за најдобра Жена претприемач, доделено на Самитот во категорија на мали компании, во бизнисот нема место за родови разлики.

„Дали се компаниите создадени од мажи или од жени, мене не ми прави разлика. Но, сметам дека жената е таа којашто знае да го зачува тоа што го создава. Нам некако природно ни е вродено за се што се создадеме, да го чуваме, да го развиваме, негуваме и да го правиме поуспешно. Така што, женското претприемништво е повеќе од потребно во нашата земја“, истакнува Тасева.

Ана Христовска, пак, сопственичка на „Ленди груп“ и добитничка на признанието за жена менаџер во средно-големи компании, укажува дека раководната позиција носи и обврски.

Треба да бидете стопроцентен лидер. Тоа значи вие да не сте газда и шеф пред вашите вработени. Туку, да бидете лидер, да ги водите, да разговарате со нив.
Ана Христовска, Ленди груп


„Треба да бидете стопроцентен лидер. Тоа значи вие да не сте газда и шеф пред вашите вработени. Туку, да бидете лидер, да ги водите, да разговарате со нив, да се соочувате со нивните проблеми“, вели Христовска.

Неминовно беше прашањето и за улогата на семејството.

„Силната жена секогаш го има и добриот партнер покрај себе. Но, да семејството кај нас значи и како поддршка во напорите на жената да се истакне како претприемач“, укажува Катерина Бошевска, директорка на „EOS Matrix“.

Но, напредокот некогаш зависи и од дејноста.

„Генерално работиме со финансиски компании, со банките на нашиот пазар. Можам да кажам дека прифатеноста на жената таму на раководна позиција е несомнена и на исклучително ниво“, додава Бошевска.

Според статистиките, на македонскиот пазар, жените водат претежно мали бизниси. Така, во селекцијата на фирми од среден обем, само една компанија ги исполнила критериумите од Платформата за женско претприемништво.

„Немаат голем обрт, немаат големи приходи, немаат големи вработувања. Тоа кон коешто ние ќе се стремиме да работиме е поттик на компаниите за раст и развој, за да стигнеме да имаме поголем број жени во средниот сегмент, па и во големи компании“, укажува Дисоска.

Искусните менаџерки се категорични - образованието е клучно за раст.

„Јас сум 26 години на оваа позиција. Јас 26 години континуирано учам менаџмент. Значи, ако мојата функција во компанијата е да бидам менаџер, јас морам да ги имам соодветните вештини“, посочува Тасева.

Тие што се веќе во бизнисот упатуваат јасна порака.

„Да имаат своја замисла, визија, цел, бизнис план и храброст. На почетокот, иако ќе биде многу тешко, да стојат гордо и да се борат со проблемите, со предизвиците, да не потпаѓаат и секако, да веруваат. Така ќе победат и така ќе станат бизнис жени“. Категорична е Христовска од „Ленди груп“.

XS
SM
MD
LG