Линкови за пристапност

Нови смени во Агенцијата за глобални медиуми


Мајкл Пек, раководител на американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ) во средата отстрани неколку врвни официјални лица во потег кој што најмалку двајца го окарактеризираа како одмазднички акт.

Во изјава испратена до Политико и Њујорк Пост, портпаролот на американската Агенција за глобални медиуми кажа дека акцијата имала за цел да го врати „почитувањето на законот во нашата работата“ во УСАГМ откако при неодамнешното разгледување на протоколите било најдено дека недоволно се проверувале странски и други новинари, кои биле вработувани во петте мрежи на агенцијата, во кои спаѓа и Гласот на Америка.

Официјалните лица се испратени на административно отсуство, и нивните безбедносни проверки биле отповикани.

Сепак, највисокиот по ранг отстранет службеник, кој бил на чело на финансиските служби, Грант Тарнер, кажа дека тоа било казна затоа што укажувал за „пракса за лошо управување“, откако Пек ја преземал функцијата во јуни, и за пробивањето на законската бариера што ги штити новинарите во УСАГМ од политичко мешање.

„Мислам дека всушност е одмазда за многу прашања на кои посочував пред главната канцеларија“, изјави Тарнер во интервју за Гласот на Америка.

Тој причините за неговото симнување ги нарече неосновани.

Дејвид Клигерман, кој служеше како генерален правобранител на американската Агенција за глобални медиуми, а претходно и во Гласот на Америка, исто така е отстранет.

„Јас сум професионален јавен службеник, и разочаран сум од овие акции“, се вели во неговата изјава за Гласот на Америка. „Не можам да извлечам друг заклучок освен дека се работи за одмазда за мојот обид да работам неполитички, и да ја зборувам вистината пред власта“.

УСАГМ веднаш не се огласи по тврдењата за одмазда ниту ги потврди извештаите на други медиуми дека други четворица виши официјални лица од УСАГМ се сменети од функциите.

По речиси двегодишно одлагање, Пек беше потврден на функцијата во Сенатот во јуни. Тој го замени Тарнер, кој беше вршител на должноста главен директор.

Оттогаш, неколкулидери во Гласот на Америка и во другите мрежи поднесоа оставки или беа сменети, замрзнато беше вработувањето и трошоците, а Пек го запре и процесот на одобрување визи за странските новинари кои работат за Агенцијата.

Критичарите велат дека потезите се политички мотивирани и дека не се во согласност со законите кои се донесени да ја штитат независноста на новинарите во УСАГМ и да обезбедат веродостојност на новинарските извештаи, балансираност и сеопфатност.

Откако даде заклетва на функцијата, Пек за Гласот на Америка во електронска порака порача дека „е целосно определен да ја почитува повелбата на Гласот на Америка, и независноста на нашите херојски новинари низ целиот свет“.

Конгресменот Елиот Енгел, претседавач со Конгресната комисија за надворешни работи во Претставничкиот дом, којшто ја надгледува работата на УСАГМ, изјави во соопштение дека отстранувањето на Тарнер и другите “е удар со противзаконита одмазда“ и дека ќе побара од генералниот правобранител да спроведе истрага.

„Тоа е јасен обид да го покрие погрешното работење до овој момент и да ги замолчат оние кои може да изразат загриженост за неговите идни акции“, се вели во изјавата.

Пек треба да сведочи пред оваа конгресна комисија на 24-ти септември.

Во интервјуа за повеќе конзервативни медиуми, Пек се претстави како агент за промена кој има намера да ги искорени пристрасноста и лошото менаџирање во УСАГМ. Минатата недела, неговата канцеларија, објави претходно доверлив извештај на Канцеларијата за менаџмент на персоналот, дека агенцијата со години не вршела соодветни безбедносни проверки за нововработените, вклучувајќи ги и странските новинари кои се донесени заради нивните специјализирани јазични способности.

Програмите на УСАГМ на повеќе од 60 јазици во повеќе од 100 држави во светот се емитуваат на места каде владите ги контролираат медиумите или ја цензурираат слободата на говорот, вклучувајќи ги Кина, Иран, Балканот, и десетици држави во Африка, Јужна Америка и Јужна и Централна Азија.

Многу од новинарите во УСАГМ се вработени со привремени визи Ј-1 што вообичаено беа продолжувани од извршниот директор на Агенцијата. Но, минатиот месец, Пек го замрзна процесот на продолжување и рече дека УСАГМ ќе ја преразгледа постапката на издавање визи, чекор што предизвика неизвесност меѓу јазичните сервиси на Гласот на Америка и тензии со канцеларијата на Пек.

Во електронска порака од 23-ти јули, УСАГМ објави дека се откриени „систематски, груби и фундаментални безбедносни пропусти“ и дека Агенцијата „работи со нашите федерални партнери во обезбедување на брзо и соодветно адресирање на наоѓањата“.

Пек рече дека наредил истрага во работењето на агенцијата поради загриженост дека „пропустите идентификувале компромитирање на способноста на агенцијата да ја спроведува мисијата и ја поткопала ефикасната и ефективноста на федералната работна сила и преставува закана по националната безбедност на САД“.

Неговата канцеларија исто така се повика на националната безбедност во одбраната на прибегнувањето кон ревидирање на визите Ј-1 на база случај-до-случај.

Џон Лансинг, именуван од Обама ипретходник на Пек како лидер на УСАГМ од септември 2015 до септември 2019, во изјава од четвртокот кажа дека раководните лица кои биле отстранети се „едни од најдобрите јавни службеници со кои воопшто имал прилика да работи“.

„Обидот на Пек да ги дискредитира е димна завеса за неговиот обид да ја растури легитимната уредничка независност на Гласот на Америка за сметка на пропагандизирање на агенцијата да ја привилегизира администрацијата, што е незаконско според конгресната повелба со која Гласот на Америка и УСАГМ се воспоставени“, напиша Лансинг.

Во интервју, Тарнер исто така ја потенцирал заштитата од политичко влијание и притисоцина новинарските ресурси.

Тој кажа дека потенцијално прекршување е и временото прераспоредување на уредникот за новинарски стандарди на Гласот на Америка, Стивен Спрингер, и политиката за Ј-1 виза, велејќи дека била „конзистентна со тоа што сум го видел како пракса на обид да се прегладнат ресурсите на нашите различни мрежи за емитување програма.

Како привремен извршен директор Тарнер го одобрувал продолжувањето на визите и рече дека немал сознание за било какви пропусти во процесот.

„Ние имаме луѓе од многу држави, и јас верувам дека агенцијата безбедноста ја сфаќаше многу сериозно во текот на годините и се обидуваше да прави јасна проверка на персоналот“, рече тој.

„Откако господинот Пек го започна мандатот, има лошо управувањево агенцијата и јас изразив загриженост во врска со тоа“, рече Тарнер. „Очигледно луѓето во Гласот на Америка и нашите новинарски ентитети го видоа тоа што верувам дека е јасно прекршување на законската заштита“.

Портпаролот на Пек го бранеше отстранувањето на Тарнер и на другите во Политико, велејќи: „Ние денеска презедовме акција да го вратиме интегритетот и почитувањето на правото во нашата работа во УСАГМ. Ние ќе преземеме и други мерки да помогнеме агенцијата да се врати на своите славни денови“.

Пек, конзервативен филмски режисер, повеќе пати ветуваше поддршка за независноста на новинарите во УСАГМ. Истовремено, во интервјуа за конзервативни гласила тој сигнализираше загриженост за пристрасност и верување дека агенцијата скршнала од својата мисија. \

УСАГМ треба да ги „унапреди широките надворешнополитички цели на Америка, кои вклучуваат борба за американските идеи и институции против...ставовите на Кина и Иран“, рече Пек во интервју за Епок Тајмс.

Во однос на уредувачка пристрасност, агенцијата на крајот на јули соопшти дека спроведува истрага во Сервисот на Урду во Гласот на Америка поради постирање на двоминутно видео за демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден на нивната Фејсбук страница, во кое, Бајден говори за политиката на претседателот Трамп за ограничување на имиграцијата од некои муслимански држави.

Во соопштение од 30-ти јули, канцеларијата на Пек објави дека видеото со Бајден „може да се окарактеризира како изборен промотивен материјал на најверојатниот демократски претседателски кандидат“.

„Оваа истрага - и всушност секоја акција што ја презедов откако го започнав мандатот - беше со цел да се поправи УСАГМ, за владиниот емитувач на програма на САД да ги напредне американските национални интереси“, рече Пек во изјавата.

Во средата, Њујорк Пост извести дека главниот уредник за дигитална содржина на Урду сервисот бил ставен на административно отсуство и дека четворица новинари кои работеле по договор, и кои го направиле видеото ќе бидат отпуштени. УСАГМ не одговори на барањето на Гласот на Америка за потврдување на извештајот.

УСАГМ врши надзор на пет медиумски мрежи, вклучувајќи ги Гласот на Америка, Радио Слободна Европа/Радио Либерти, Канцеларијата за емитување програма во Куба, Мрежата за емитување програма на Блискиот исток и Радио Слободна Азија. Под нејзин чадор е и Фондот за отворена технологија, непрофитна организација што финансира технологија што заобиколува интернет сензори и поддржува демократски движења.

УСАГМ има буџет од околу 800 милиони долари, од кои најголем дел оди во Гласот на Америка.

XS
SM
MD
LG