Милиони Американци деновиве се соочуваат со екстремно ниски температури, откако врз делови од северноамериканскиот континент се прошири масивен арктички облак со студен воздух.
Температурите во делови од Минесота вчера паднаа и до минус 52 степени Целзиусови, а до сега се регистрирани најмалку четири жртви како последица од студот.
Синоптичарите прогнозираат дека САД ќе се соочат историски најниски температури. Во државите Илиноис, Мичиген и Висконсин веќе е прогласена вонредна состојба.
Чикаго, каде зимите се вообичаено студени, е еден од поголемите градови кои ќе се соочат со поларниот бран и се очекува жителите во текот на денешниот ден да искусат рекордно ниски температури.
Студениот бран ќе се шири од средниот запад, кон источниот брег, како и на југ кон Флорида.