Речиси 1.800 лица починале од корона вирусот, соопштија кинеските здравствени власти. Бројот на заболени, пак, надминал 70.000 лица. Околу 11.000 од заразените, се опоравиле од вирусот.
Во провинцијата Хубеи, која е епицентар на вирусот, денеска се регистрирани 100 нови смртни случаи. Кинеските власти испратија уште здравствени работници за да помогнат во справувањето со заразата.
Друго големо жариште на вирусот е туристичкиот брод закотвен на пристаништето во Јокохама, Јапонија.
САД веќе евакуираа повеќе од 300 американски државјани од бродот и нивните семејства. Еден од авионите рано денеска слета во воена база во Калифорнија, а другиот во воздушна база во Тексас.
Кај 14 лица од групата е откриено присуство на вирусот, па биле транспортирани во изолација од другите патници. Сите останати евакуирани ќе бидат во карантин во следните 14 дена.
Според јапонските власти, од 3.700 луѓе на бродот, 454 биле заразени од вирусот.
Денеска и Австралија соопшти дека ќе ги евакуира своите државјани од бродот, а истото го планираат и Канада, Италија, Јужна Кореја, Хонг Конг.