Домот на охриѓанецот Мирко Павлески е претворен во мини сеизмолошка станица. За две години овој електроинжeнер по професија, конструирал седум сеизмометри, со чија помош се мерат од најмали, па сè до најсилни земјотреси насекаде на земјината топка. Сè почнало вели сосема случајно, за време на силниот земјотрес во Охрид од 2017 година.
„Се нафатив да пробам да го изработам тој сеизмометар. Веќе за еден месец јас имав готов сеизмометар ТЦ1 и имав уловено еден посилен земјотрес од 4,4 степен по Рихтер во Охрид“, вели Павлески.
Но интересот на Павлески не застанува овде. Пред седум месеци изработува сеизмометар врз основа на сосема нов приницип, т.н. лебдечко нишало. Откако го претставил на својот јутуб канал и специјализирани интернет страници, за него се заинтересиралe и студенти и професори по мекатроника од Универзитетот во Колорадо.
„Дури почнале и да го изработуваат. После две недели имав потврда дека го имаат изработено и дека функционира беспрeкорно“, открива Павлески.
Во меѓувреме својот изум го пријавил во ИРИС, здружение на повеќе од 120 американски универзитети, а кое се занимава со прибирање, обработка и дистрибуирање на податоци од областа на сеизмологијата од целиот свет, со барање да ги поставува податоците кој ќе ги добива со помош на овој сеизмометар. По неколку неделно тестирање на истите, тоа му било овозможено.
„И денес на страницата на ИРИС постои мојата станица под име МПОХР, кодно име на мојата сеизмолошка станица. Тоа ми е и потврда за функционалноста на овој уред. На Балканот има шест станици регистрирани на ИРИС, од кои само мојата станица е на приватно лице. И во Европа мислам дека нема. Сè се тоа универзитети или институти кои објавуваат податоци на таа страница“, објаснува Павлески.
Oвој уред се состои од механички и електронски дел. Импулсите кои ги регистрира сеизмометарот, во вид на јачина на земјотресот можат да се видат на компјутерот. Со негова помош се регистрираат и брановите на Охридското езеро.
„Овој сеизмограм покажува дека во период од еден час било сосема мирно, немало ветар, немало бранови на езерото. Од 17 до 18 часот, се гледа дека овој дел на сеизмограмот е со поголема широчина. Тоа ни покажува дека или има ветер или има бран. До толку е чувствителен што може да мери и микро поместувања на земјиштето“, вели Павлески.
Истиот сега е во фаза на патентирање во земјава. До сега успеал да изработи повеќе од 150 најразлични уреди, помеѓу кои метеоролошки инструменти. Во моментот работи и на уред што мери загаденост на воздухот.