Повеќе од 150 претседатели, премиери, министри, владини претставници се обратија од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк каде годинава се одржува 74та пленарна сесија. Пораки за заштита на човековите права, за надминувања на конфликтите, за акции против климатските промени, како и предупредувања за можни нови воени судири беа упатени во изминатите неколку дена како на официјалната сесија, така и на бројните билатерални средби и специјални настани што се одржаа во рамките на Генералното собрание.
Идината им припаѓа на патриотите, а не на глобалистите, порача претседателот Трамп на првиот ден од пленарната сесија на Генералното собрание
Пленарната сесија почна на 24 септември, а ќе биде затворена во понеделник, 30 септември. На првиот ден најмногу внимание привлече обраќањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој пред полна сала светски лидери и шефови на влади настапи со говор спротивен од мултилатерализмот, кој е белег на меѓународната организација. Трамп порача дека „Идината им припаѓа на патриотите, а не на глобалистите“. Воедно првиот човек на САД укажа и дека ќе се држи до политиката „Америка на прво место“, при што во контекст на тензиите и несогласувањата со Иран, додаде дека неговата земја не сака конфликт, но дека тој како претседател нема да потклекне во одбраната на интересите на американската нација.
Францускиот претседател, пак, во своето обраќање посочи дека треба да се смират тензиите на Блискиот исток и заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, се обидоа да изнајдат пат да ги седнат на иста маса САД и Иран. Сепак, како што изјави Меркел, според постоечките ставови на Иран, не можат да се очекуваат разговори со Вашингтон, додека САД не ги тргнат санкциите кон Иран. Трамп јасно укажа дека таков услов не прифаќа.
Втора зона што се заканува да прерасне во поголем конфликт е областа Кашмир, каде се судираат интересите на Пакистан и Индија. Премиерот на Пакистан, Имран Кан предупреди и дека има простор за загриженост ако двете нуклеарни нации влезат во конфликт. За разлика од него, индискиот премиер Нарендра Моди воошто не го спомна Кашмир и, неопределено, рече дека светот треба да се обедини против тероризмот.
Дека прашањето околу Кашмир станува сериозно, покажаа и протестите што се случуваа во Њујорк за време на сесијата на Генералното собрание. Полицијата мораше да постави и барикади за да ги раздели демонстрантите од различни табори
Дека прашањето околу Кашмир станува сериозно, покажаа и протестите што се случуваа во Њујорк за време на сесијата на Генералното собрание. Полицијата мораше да постави и барикади за да ги раздели лицата што имаат различни ставови за статусот на областа.
Во рамките на бројните билатерални средби и спогодби, годинава новина е потпишувањето Согласност за справување со лажните вести. Спогодбата е по иницијатива на организацијата Репортери без граници, а ја потпишаа дваесет земји. Во дел од текстот се бара од интернет-провајдерите да вложат труд за промовирање повеќе веродостојни содржини за да се намали информацискиот хаос.
Генералното собрание годинава е во белег и на Самитот за акција против климатските промени, што по иницијатива на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, се одржа еден ден пред почетокот на пленарната сесија. Големо внимание предизвика обраќањето на 16-годишната активистка Грета Тунберг која на светските лидери во емотивен говор им укажа дека не се искрени и дека не прават доволно за спречување на, како што рече, глобалното исчезнување со кое се соочува светот.
Македонската делегација годинава ја предводеше премиерот Зоран Заев. Во голем дел од својот говор се посвети на Преспанскиот договор.
„Спогодбата од Преспа, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ“, рече Заев.
За време на Генералното собрание, Заев првпат се сретна и со новиот грчки премиер, Кирјакос Мицотакис со кого разговараа за имплементацијата на договорот од Преспа.
Настрана од дипломатските средби, дијалози, говори, спогодби, во Њујорк можеше да се види регуларна слика, која е препознатлива за градот за време на одржувањето на Пленарната сесија на Генералното собрание.
Голем број од улиците околу седиштето на ОН беа затворени за сообраќај, а најголемата блокада се случуваше кога претседателот Трамп беше во кругот на организацијата. Беа блокирани и цели блокови, а полицијата од копно, воздух и вода го надгледуваше градот и се грижеше за безбедноста на учесниците.
Во продолжение погледнете низ нашите фотографии каква беше атмосферата во Њујорк за време на 74. сесија на Генералното собрание на ОН.